X
 31.03.2015 Образование

Средношколците успеаја! Математиката нема да биде задолжителна



Раководството на Министерството за образование и наука денес оствари средба со Унијата на средношколци на Македонија, на којашто, по барање на средношколците се дискутираше за актуелната состојба и надминувањето на предизвиците кои се поврзани со последните измени во процесот на полагањето на државната матура, како процес на верификација на стекнатото знаење во средното образование и предуслов за продолжување во високо образование.

На средбата, иницирана со доставување на Средношколска платформа на Унијата на средношколци на Македонија, двете страни ги презентираа ставовите по однос на Концепцијата за матура и завршен испит за учебната 2014/2015 година, наменета за осмата генерација на матуранти.

По подолга дебата, се постигна согласност предметот математика да не биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје. За гимназијалците коишто го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик.

На средбата се постигна и согласност, според која Министерството за образование и наука во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритетност во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.

Дополнително, од факултетите во областа на техничките науки, ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања поврзани со математичките знаења.

Министерството за образование и наука цени дека соработката со сите општествени чинители и засегнати страни е од суштинско значење кога е во прашање унапредувањето на воспитно – образовниот процес на учениците. Во таа насока, отвореноста за соработка и почитувањето на нивните најдобри интереси и понатаму ќе бидат основни принципи при креирањето на образовните политики.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование