X
 28.01.2020 Наша тема

Сѐ што ставаме на интернет останува таму – опомена за сите! „Јавни соби“ има уште многу

Зошто не постои свест кај младите дека оваа „игра“ е опасна? Бидејќи никогаш никој не им го кажал ова на начин кој е соодветен и ефективен за нивната возраст, вели Ирена Цветковиќ

Како да ги заштитиме децата и тинејџерите од несоодветни содржини што им се достапни на интернет? Дали ако имавме сеопфатно сексуално образование во училиштата, ќе спречевме во „јавната соба“ да се најдат фотографии од малолетни девојчиња? Зошто денешната младина нема свест дека оваа „игра“ е опасна, дека не е безбедно интимни фотографии да се праќаат на кого било, а оние што ги шират дека прават кривично дело? И најважното, како да им се помогне на жртвите...
Ова се прашања што се наметнуваат откако јавноста неделава беше вознемирена од информацијата за порнографската група на апликацијата „Телеграм“ наречена „Јавна соба“, која имаше 7000 члена. Министерството за внатрешни работи отвори истрага за групата на која се најдоа фотографии на разголени малолетни девојчиња од Македонија, како и фотографии од девојки преземени од социјални мрежи. 



Ирена Цветковиќ, извршна директорка на канцеларијата на Коалицијата „Маргини“, вели дека проблемот нема да се реши ако групата се избрише бидејќи на социјалните мрежи има многу вакви групи. Вели дека и сите да се затворат, за два месеца децата пак ќе најдат свои канали на кои ќе продолжат со својата „забава“. Ја прашуваме зошто кај учениците не постои свест дека оваа „игра“ е опасна?

- Кога интимни содржини се злоупотребени, емотивниот одговор кај момчињата и кај девојчињата е различен и тоа така што девојчињата сериозно многу повеќе искусуваат негативни емоции и последици врз менталното здравје во споредба со момчињата. Самите истражувања, но и искуства во поразвиените системи покажуваат дека решението не може да се лоцира во забрана на онлајн-комуникацијата меѓу младите, промовирање на апстиненција од овој тип однесување или строги контроли. Зошто не постои свест кај младите дека оваа „игра“ е опасна? Бидејќи никогаш никој не им го кажал ова на начин кој е соодветен и ефективен за нивната возраст. Ако едно девојче има дилема дали на партнерот да му прати своја фотографија, тогаш тоа нема друга инстанција каде што би нашло одговор кој е базиран на факти, евиденција и докази, а не морализирање, освен кај своите врсници, кои исто како и ова хипотетичко девојче имаат сериозен недостиг на знаења и информации - вели Цветковиќ.

Како да се однесуваат родителите?

Лилјана Пецова-Илиеска, програмски директор за приватност и интернет во ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, вели дека децата и тинејџерите можат да се заштитат единствено ако претходно поседуваат вештини и знаење за тоа како функционираат апликациите. Но, и свест за последиците со кои може да се соочат доколку споделуваат и/или пребаруваат содржина која има порнографски елементи, имплицитна и експлицитна содржина на насилство.

- Од една страна е споделувањето, но од друга страна е и активното пребарување на таквата содржина. И двете се еднакво загрижувачки. Мора да напоменеме овде дека и пребарувањето на таква содржина на интернет е казниво со закон. Како корисници на интернет може случајно да дојдеме до некои содржини и тоа не е кривично дело. Но, и покрај тоа, гледање и непреземање детско порно на интернет сè уште може да доведе до тоа материјалот да се чува во меморијата на вашиот пребарувач. Технички, тоа значи дека го „поседувате“ илегалниот материјал и покрај тоа што не сте го презеле. Сè што еднаш е споделено на интернет, почнувајќи од фотографии, податоци, информации, сетови на податоци, презентации, видеа, останува некаде запаметено. Можеби ова звучи како клише, но е најдобрата опомена за секој од нас - категорична е Пецова-Илиеска.


Лилјана Пецова-Илиеска

Клучно во овие ситуации е однесувањето на родителите, каква помош им даваат на своите деца за да не влезат во „опасни игри“.

- Ќе зборувам и од аспект на родител. Првин би требало да пријават, но секако и, пред сè, да се едуцираат. Мора да бидеме постојано во тек. Премногу голем е јазот со новите Z-генерации. Пред неколку години бев дел од подготовката на еден Прирачник за родители каде што ги мапиравме институциите што се надлежни, како и механизмите за пријавување. Родителот, како дел од воспитно-образовниот процес, мора да биде постојано „буден“ на овие теми, и тоа е притисокот на 21 век - вели таа.

Цветковиќ, пак, како родител, имајќи предвид дека и нејзиното дете расте без сексуално образование во училиште, советува да се воведе сексуално образование дома следејќи ја рамката на IPPF (International Planned Parenthood Federation) и нивниот прирачник.

- Свесна сум дека пристап до овие документи немаат најголем дел од родителите, но заедно можеме да ги притиснеме властите и носачите на одлуки ова да биде дел од образовниот процес. Веројатно е клише да се каже дека е потребна отвореност во семејството, можност за отворено споделување дилеми поврзани со сексуалниот развој, како и разговор за ризиците што можат да се минимализираат или исклучат - вели Цветковиќ.

Сеопфатното сексуално образование е универзален лек

Во Македонија нема сеопфатно сексуално образование. Но, експертите велат дека тоа може да помогне да се намали оваа форма на насилство кај младите. Цветковиќ посочува дека постојат веќе развиени различни модели низ светот кои можеме да ги аплицираме и кај нас, но сеопфатното сексуално образование е универзален лек против овие суптилни и опасни форми на насилство.

- Понатаму, важно е легислативата да се развива во согласност со новите состојби и тенденции, па така креирањето ефективни политики што ќе го регулираат sexting-от кај младите е важен чекор. Прашањето сепак сугерира повеќе фокус кон превенција, па во таа насока многу е важна училишната средина. Училиштето мора да искреира интерни механизми за превенција и заштита од насилство, вклучувајќи онлајн-булинг и вознемирување. Училиштето треба да биде безбедна средина за разговор меѓу младите и возрасните на теми поврзани со нивниот личен, емотивен, но и сексуален развој. Конечно, врснички тимови за поддршка се одличен механизам кој ги штити жртвите од виктимизација затоа што во адолесценцијата поддршката од врсници значи многу повеќе отколку поддршката од возрасните - вели таа.

Интернет-заштитата може да влезе во неколку предмети во средно образование, но според Пецова-Илиеска, тоа може и не е решение бидејќи е долготраен процес.

- Нам ни требаат инстант-чекори за соочување со проблемот кој ни е пред очи. И не е само државата апарат за посочување на виновникот, иако институционалната подготвеност треба да биде координирана меѓу сите за да дојдеме до некое подолгорочно системско решение. Каде е тука одговорноста на бизнис-секторот и академската заедница при креирање образовни политики?! За поздравување е фактот што дел од академската заедница веќе работи на развој на ИТ-алатки во образование, но од друга страна, читам дека се забранува користење на мобилните телефони за наставниците - вели Пецова-Илиеска.

Таа е категорична дека технологијата треба да се користи, но, пред сè, за едукација и подигање на свеста за тоа како апликациите може да ни бидат корисни, а не опасни.


Ирена Цветковиќ

Цветковиќ, пак, посочува на уште еден проблем. Вели дека ако влезете во кое било средно или основно училиште и ја отворите оваа тема меѓу младите, дури тогаш ќе ве удри шок.

- Над 90% од младите за овие постапки ги обвинуваат девојките што се сликале, а голем дел сметаат дека жртвите всушност не се жртви, туку уживаат во „славата“. Додајте на ова дека ваквите ставови ги имаат не само момчињата, туку и девојчињата од кои би очекувале повеќе емпатија и солидарност.

Според неа, ова е комплексен проблем, нема едноставна причина или корен.

- Одговорноста не може да биде индивидуална (па дури ни на едно министерство или една влада, а камоли еден човек), туку колективна. Македонското општество е конзервативно и традиционално, а во такви општества родовата нееднаквост е висока, сексуалноста табуизирана, жртвите - виновни, а насилниците - херои. Со други зборови, до ова дојде системски, темелно и посветено. Речиси да не постои институционален канал низ кој не се излеваат лажно-морализаторски вредности спакувани во општествено вреднувани дискурси од типот на образовни дискурси, културни, медиумски итн. Младите генерации системски се уништуваат во име на традиционални вредности, лажна и лицемерна сексуална чистота и табуизирања - вели Цветковиќ.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска и Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема