„Играјте доволно видео игри и можеби ќе помогнете во дизајнирање на национален парк.“
Ова е пораката која им била дадена на учениците во Аделаида, Австралија неодамна. Се работи за уникатен предизвик од локална институција за природни ресурси. Предизвикот гласи: Создадете го вашиот идеален парк користејќи ја имагинацијата и компјутерската игра „Мајнкрафт“ и може да го видите својот парк во реалност.
Со
иницијативата се влијае на сите училишта во регионот. Наставниците се задолжени да ги инспирираат своите ученици да ги искористат своите вештини во играње „Мајнкрафт“ и да ги дизајнираат своите совршени паркови.
Наградата за нив е образовна екскурзија. Освен тоа, тие можеби ќе ги видат идеите во реалност.
Во натпреварот учествуваат ученици од 4-то, 5-то, 6-то и 7-мо одделение. Истиот е само дел од проект со кој луѓето се поттикнуваат да поминуваат повеќе време во парковите.
Владата издвоила речиси 9 милиони долари за развиток на парковите, а потребни се креативни идеи, откаде произлегува идејата за натпреварот меѓу учениците.
За натпреварот да биде праведен, сите учесници во натпреварот треба да ја користат основната верзија на „Мајнкрафт“, без додатоци. Освен тоа, проектите треба да вклучуваат изводливи идеи бидејќи некои од нив навистина ќе бидат изградени.
Натпреварот трае до 12 јуни, а победниците ќе ги знаеме веќе следниот месец.