X
 12.05.2020 Живот

Билетите за отворањето на „Дизниленд“ во Шангај распродадени за неколку минути

„Дизниленд“ во Шангај се отвора по четири месеци. Билетите за отворањето се продадоа за неколку минути. Тематскиот парк ќе применува мерки за безбедност, како примање ограничен број посетители и друго.

Паркот „Дизниленд“ во Шангај е првиот парк на „Волт Дизни“ што се затвори поради пандемијата. Затворањето беше на 25 јануари. Неговото повторно отворање е обид за финансиско закрепнување на компанијата, која изгубила 1,4 милијарда долари од профитот изминатиот квартал.


Фото: Pixabay

Засега парковите „Дизниленд“ во САД, Хонгконг и во Париз остануваат затворени, иако компанијата  минатата недела изјавила дека планира да отвори одредени продавници и ресторани во Орландо, Флорида, на 20 мај.

Ситуацијата во Шангај е поинаква, а распродажбата на билетите покажува дека жителите на Кина се подготвени да се вратат на нормалниот живот. Сепак, во паркот ќе се почитува социјална дистанца и ќе се спроведува почеста санитација и дезинфекција, велат од компанијата. Одредени делови од паркот ќе останат затворени.


Фото: Pixabay

Билетите за паркот чинат 399 јуани, односно 56 долари за работните денови, додека за викенди цената изнесува 499 јуани.

Тематскиот парк на „Волт Дизни“ во Токио е затворен од 29 февруари и ќе биде отворен кога ќе заврши вонредната состојба во Јапонија. Засега, вонредната состојба во Јапонија треба да трае до 31 мај.

Извор: time.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот