Доколку ви е смачено од моменталниот образовен училишен систем, и секако, доколку имате екстра 20.875 долари, тогаш најдобриот избор за вашето дете би било таканареченото „AltSchool“.
Доколку ви е смачено од моменталниот образовен училишен систем, и секако, доколку имате екстра 20.875 долари, тогаш најдобриот избор за вашето дете би било таканареченото „AltSchool“.
Основано во 2013 година од поранешниот шеф во Google, Макс Вентила, ова училиште ги привлече сите директори од Google и Uber. Илјадници родители се обидуваат да ги запишат своите деца токму во ова училиште, а од неодамна Марк Цукерберг стана еден од неговите најголеми инвеститори.
Младиот основач на Фејсбук даде 100 милиони долари за да го финансира училиштето. Како што соопшти училиштето, во него инвестираа и компанијата „Andeerssen Horowitz како и основачот на eBay Пјер Омидјар и Лорин Пауел Џобс, вдовицата на починатиот Стив Џобс - финансирањето достигнува неверојатни 133 милиони долари. Зошто? Затоа што неверојатните умови од Силиконската долина сметаат дека „AltSchool“ е најдобрата надеж за иднината на образованието.
Но, во што тие се обложуваат? „AltSchool“ е дефинитивно експеримент со образовна филозофија позната како учење во кое центар е ученикот. Овој пристап, кој го имаат усвоено многу училишта, смета дека децата треа да ги следат нивните интереси според нивно темпо. За да го постигне тоа, „AltSchool“ вмешува многу технологија со цел да се справи со хаосот и над сето тоа има персонал од доста напредни наставници кои им дозволуваат на учениците слободно да учат. Резултатот? Како што вели училиштето - супериорно образовно искуство.
Училиштето нема администратори, нема спортски сали, нема кафитерија ниту пак ходници. Не постојат оценки ниту ѕвонче кое ќе го сигнализира следниот час.
Наместо тоа, ова училиште има таканаречени „училишни куќи“. Денес ги има четири, а до следната година ќе бидат осум. Учениците добиваат своj iPad или Chromebook, во зависност од нивната возраст, а на нивната неделна „плејлиста“, постои редица на индивидуални и групни активности прилагодени за специфични предности и слабости според секое дете. Во меѓувреме, технологијата на „AltSchool“ го следи секој напредок и секој неуспех на ученикот.
Ова го става „AltSchool“ меѓу двете брзо растечки движења во образованието. На една оска се наоѓаат стартап апликациите за училиштата, а другите се прогресивните училишта кои го промовираат популарниот концепт на персонализирано образование. Разликата е во тоа што „AltSchool“ не е само концепт за изградба на апликации или училишта, туку ги има и двете. На тој начин ова училиште е многу повеќе од училиште. Тоа е мини истражување и лабораторија за развивање, во кое и наставниците и инженерите внимателно развиваат формула за образование на 21-от век, сите во надеж дека ќе ја применат таа формула не само во ова училиште туку и во другите приватни и државни училишта.
Според стандардите на Силиконската долина, „AltSchool“ е веќе голем успех. Меѓутоа светот на образованието не работи според стандардите на Силиконската долина. За да постигнат вистински успех Вентила и неговиот тим треба да докажат дека „AltSchool“ е многу повеќе од уште едно приватно училиште за технолошката елита и дека може да направи разлика во образованието. Во спротивно, ќе навлезе во ризик да биде уште едно од многуте добро финансирани стартап училишта создадено за да ги реши проблемите на многумина, но се насочило на проблемите на неколку.
Вентила верува дека јазот меѓу учениците и наставниците може да се пополни преку користење на технологија. Во 2012 година тој барал уште еден предизвик додека се`уште работел во Google, и го пронашол кога започнал да бара училиште за неговата ќерка.
Вентила вели дека училиштата денес не го учат секое дете поединец. „Тоа е тиранија на мнозинството“, вели тој.
„Доколку некој ви нареди да одите и да им предавате на 20-тина 9 годишни деца, од кои половина не сакаат да бидат во училницата, сите со различни интереси и потреби, сигурно ќе го измислите истиот модел што денес се користи во образованието. Ќе работите со сите деца, а ако некое од нив е немирно, ќе го опомените и ќе продолжите со работа“, вели тој.
Не мора многу да знаете за образованието за да сфатите дека денешниот модел не е најдобриот начин да им се обезбеди добро образование на децата.
„Училиштата не се добри во воведување на било какви промени или во мерење на ефектите на овие промени. Тие не се добри во коригирање кога тие промени не се позитивни и не се добри во размножување на промените кои се добри“, додава тој.
Но, компаниите од Силиконската долина, од друга страна имаат тенденција да ги воздигнат овие практики до една уметничка форма. Токму затоа Вентила верува дека тој заедно со неговиот тим не само што можат да изградат технологија која ќе управува со училиштето, туку и да го изградат самото училиште. Наместо да изгради големо училиште кое ќе стане бирократско со текот на времето, неговата замисла е да изгради огромна мрежа на мали училишта кои би работеле самостојно и кои би биле дел од едно централно.
Монтесори 2.0
Според Вентила пристапот на предавање на неговото училиште е сличен на Монтесори методот, па затоа го нарекува „Монтесори 2.0“. Овој модел нагласува дека децата можат да научат пред се` преку реализација на независни проекти наместо преку директна инструкција. Методот бил развиен пред околу еден век, а доколку нејзиниот основач, Марија Монтесори би била жива денес, таа би предложила употреба на технолошки алатки за управување со училницата.
Токму ова го има направено „AltSchool“ со дигиталната платформа „My.Altschool“ која ги лседи плејлистите на учениците како и многуте активности кои одговараат на листата. Учениците се логираат на веб страната, ги отвораат нивните плејлисти, и гледаат низа на 20 до 25 картички со активности кои наставниците ги избрале за нив и започнуваат со работа.
„Постојано размислувам, како не сум го имал ова претходно“, вели Пол Франс, еден од наставниците во ова училиште. Овој наставник е млад и ентузијастичен - вид на наставник кој секој родител би го сакал за своето дете. Пред да се вработи во „AltSchool“ Пол работел во државно училиште во Чикаго кадешто често пати учениците ги делел во групи за часовите да ги направи повеќе персонализирани. Меѓутоа сложеноста на големата училница и недостатокот на алатки го направија индивидуализираното учење невозможно.
Иако вели дека создавањето на картичките е доста тешко и одзема многу време, тоа е она што секое училиште треба да го воведи.
Но наставниците во ова училиште прават многу повеќе од картички. Тие работат заедно со инженерскиот тим на сосема нови производи, како апликацијата за присуство која учениците ја користат за да се чекираат во и надвор од училиштето како и преносливи уреди кои помагаат при следењето на учениците надвор од кампусот. Наставниците создадоа апликација за родителите и помогнаа во развивањето на систем на камера наречен АltVideo кое снима што се случува во училницата во текот на денот. Вентила верува дека еден ден, активноста снимена на овие видеа, ко комбинација со податоците од My.Altschool можат да ја елиминираат потребата за тестирање, не само во „AltSchools“ туку ви во сите останати училишта.
Тимот исто така работи на пребарувач за препораки на наставниците, меѓутоа не такви какви што користат компаниите како „Amazon“ и „Netflix“. Oваа алатка ќе земи во предвид се` што „My.Altschool“ знае за еден ученик - од неговата/нејзината историја на плејлиста за да ги покаже активностите најсоодветни за него/неа.
Но, „AltSchool“ ќе треба да почека некое време пред да може вистински да издвојува победа во својата мисија за повторно да го создаде образованието. Вентила ова го знае многу добро.
„Сакаме да изградиме голем износ на вредност за многу луѓе, меѓутоа тоа може да потрае многу долго време“, вели тој.