X
 17.05.2015 Живот

Мултиетнички соживот! Која е вашата дефиниција?


Соживот! Да пробаме да го дефинираме овој збор. Која е вашата дефиниција? Смисливте некоја? Да, треба да смислите бидејќи ниеден збор не значи едно исто за сите. Ниеден речник не ги знае вашите искуства. Додека за некого овој збор е само збир од седум букви, за некој друг тоа претстатува дел од самиот живот. Сакате да ја слушнете мојата дефиниција? Според мене, соживот е да знаеш да споделуваш, да знаеш да почитуваш, да знаеш да сослушаш безразлика дали тоа ти се последните пари во џеб кои ќе ги споделиш или размислувањата на другарот кои ќе ги почитуваш. Едноставна дефиниција нели?

Искуството си го прави своето. Како личност која пораснала во едно мултиетничко општество, во мало градче каде што секој знае по малце да зборува и на турски и на албански а посекако и на македонски, се осеќам способна да кажам два-три збора за овој широк поим. Прашајте го за соживот едно мало дете на улица, нема да знае да ви одговори ништо, но тој е во него, тој е дел од тоа, бидејќи кога игра на улица не ги дели другарите на црни и бели на македонци и албанци. Тоа дете кога ќе порасне ќе биде свесен дека одредени групирања постојат, дека ги има, но за него ќе бидат небитни бидејќи тој ќе дава вредност на личноста а не на групата која таа припаѓа. Да, постојат такви поделби, секој може да каже дека не сме исти, не сме, но убавината е во различноста, во разновидноста. А успех е со сите тие различности и сличности да функционираме како целина, успех е сите ние како дел од таа целина да се грижиме за подобрување на истата. Да имаш вакво искуство, да си дел од ваква целина е привилегија и предност за мене. Се осеќам среќна што сум опкружена со другари и другарки кои се “различни„ од мене, но такви ги сакам какви што се. Сè почнува од нас, од самата индивидуа која се развива опкружена со размислувања кои не даваат простор на предрасудите, омразата и љубомората.

Но...не е сè така розево. Факт е дека постојат изолирани личности, личности кои од најразлични причини не комуницираат и не сакаат да комуницираат со луѓе од различна етничка припадност. Одредени луѓе се полни со омраза поради најразлични историски случувања во минатото. Факт е дека некои луѓе сметаат дека можат да живеат сами и сакаат да живеат сами, без соработка, без дружење, без соживот и за жал во мојот град се присутни. Кога се анализира една состојба се гледаат и негативните и позитивните страни, битно е да сме свесни за истите и да се потрудиме да ги намалиме негативностите.

Верувајте, нема поубаво чувство од тоа некој да научи неколку збора на вашиот јазик само поради тоа што сака да ве усреќи бидејки му сте другарка. Нема поубаво чувство од тоа да видите личност кој го научил јазикот на другар му бидејќи од мали пораснале заедно со него. Не знаете какво е чувството да на една маса може да се зборува на три јазици истовремено. Овие се убави примери од мојот град и мојата околина кои ме прават среќна.

Без разлика на све треба да научиме да живееме заедно и да се почитуваме. Неможеш секого да го сакаш но можеш да не го мразиш, има разлика! Носете шарени облаци над главата, бидете различни, сакајте го различното.

Х.А.


Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот