X
 28.05.2017 Култура

Како работи цензурата


Графит
(Фото: Pixabay)

Цензурирањето на говорот ја укинува нашата слобода на избор што ќе прифатиме од другите и што ќе изразиме пред нив, и неминовно води кон депресија. Кога стравот доминира, вистинската среќа исчезнува, а индивидуалната сила на волјата пресушува. Расудувањето станува искривено, а рационалноста ни „бега“ од рацете. Групното однесување станува дивјачко, абнормално и насилно.

Кога државата го контролира или го блокира протокот на информации, таа не само што ја потврдува својата апсолутна моќ, туку истовремено предизвикува и доброволно потчинување на луѓето со кои владее. Ова, за возврат, ја поддржува аксиомата на понижените:  прифати ја зависноста заради практична  корист.

Најелегантен начин да се приспособите на цензурата е да се препуштите на  автоцензура. Тоа е совршен метод да ги смирите моќниците и да подготвите терен за обострано корисна размена. Послушничките активности кои носат мали задоволства можеби изгледаат како неважни; но без нив, бруталниот систем на цензурата би бил невозможен.

За луѓето кои ја прифаќаат пасивната позиција во односот кон власта, „снаоѓањето“ станува највисоката вредност. Тие се смеат, се поклонуваат и климаат со главите, а таквото однесување води кон удобен и безгрижен живот. Тој став во основа е дефанзивен. Јасно е дека во секоја расправа каде едната страна е замолчена, тврдењата на другата страна не се доведуваат  во прашање.

Таква е ситуацијата денес во Кина: самозамолчено мнозинство, додворувачи на моќниот режим се огорчени на луѓе како мене кои се осмелуваат да се спротивстават на режимот, а всушност се двојно огорчени, затоа што знаат дека нивната пониженост е автомаскирана. Така самоодбраната станува и самоутеха.

Бидејќи на системот на цензура  им се неопходни и соработката и согласноста од цензурираните, не се согласувам со вообичаеното гледиште дека цензурираните едноставно се – жртви. Доброволната автоцензура му носи корист на лицето кое се потчинува на таквиот систем, кој не би можел да функционира без овој аспект на доброволност.

Системот автоматски ја наградува соработката на обичните луѓе: нема потреба тие меѓусебно да се натпреваруваат за оваа награда. Но, менаџерите на уметничките и културните проекти мораат да направат повеќе од тоа: мораат „проактивно“ да покажат дека  „разбираат“ и дека ќе се приспособат кон авторитарците, заштитувајќи ја нивната слика пред  јавноста...

Во таквиот систем, каде уметничките дела успеваат или пропаѓаат не во слободен натпревар, туку во согласност со корумпирани критериуми, секој автор кој поседува каква било автентична виталност мора да се преправа дека е глупав и да се согласи на премолчени спогодби.

Добро е познато дека мене не ми е дозволено да зборувам на каков било јавен форум. Моето име е избришано од сите јавни медиуми... Мојата виртуелна егзистенција, ако така може да се нарече, постои само меѓу оние луѓе кои избрале да ми посветат внимание, но и тие се поделени во две категории: оние кои моето однесување го гледаат како инспирација  за смислата на нивните сопствени животи, и оние кои ме гледаат како некој што им пречи на нивниот пат кон остварување на лична корист,  и кои не можат да ми го простат тоа.

Дури кога Кина ќе понуди правични и праведни платформи за изразување на јавното мислење, ќе биде возможно да најдеме заеднички јазик. Давам поддршка за основање на такви платформи. Тоа би требало да биде првиот принцип за овозможување на општествена правда...

Уметникот е двигател, тој учествува во политиката. Особено во време на историски промени, естетските ведности секогаш се во предност. Општество кое ги прогонува луѓето кои опстојуваат  на индивидуалните вредности, е нецивилизирано и нема иднина.

Кога личноста ќе ги изнесе своите вредности пред јавноста, стандардите и етиката на тоа лице, но и на целото општество, можат да бидат изложени на сомнеж.

Индивидуалната слобода на изразување стимулира појасна размена на мислења и аргументи. Тој принцип е основата  на мојата филозофија на уметноста.

Цензурата во Кина ги ограничува спознанијата и вредностите, а тоа е клуч за наметнување на идеолошко ропство. Правам сè што е во моја моќ да ги разоткријам суровостите, и суптилните но и оние што се помалку суптилни. Како што денес стојат работите, рационалниот отпор може да се заснова само на мали активности од поединци. Кога ќе згрешам, одговорноста ќе биде само моја, но правата на кои инсистирам им припаѓаат на сите.

И идеолошките робови можат да се бунтоваат. На крајот, тие секогаш тоа и ќе го направат.



Извадоци од колумната на Аи Веи Веи во „Њујорк тајмс“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура