X
 04.01.2025 Живот

Колумна: Психолошкото значење на промената на името на државата

На 19 јуни 2018 година, Грција и Македонија, на една церемонија во Преспа, потпишаа договор со кој се стави крај на повеќедецениска расправа околу името на државата. Со овој договор двете земји се сложија Македонија, дотогаш нарекувана ФИРОМ, да се преименува во Северна Македонија. Овој значаен договор во регионот, но и пошироко предизвика бура на реакции. Тој беше критикуван од опозицијата во двете земји.

Договорот од Преспа требаше да се одобри преку национален референдум, кој се одржа на 30 септември 2018 година. На гласањето излегле само 37%, кои главно беа ЗА промена на името, додека мнозинството го бојкотираше референдумот со надеж дека така ќе се спречи промената на името.

Од психолошката литература е познато дека промената на името, на пример, личното име, името на бренд, на клуб, на градови, па и на држави, особено ако се врши со меѓународен притисок, предизвикува отпор кон промената.

И покрај фактот што овој договор е мошне значаен за Македонија, научниците од општествените науки не покажаа интерес да се истражи психолошкото значење од промената на името. Ана Блажева, една од ретките автори, ја истражувала улогата на две, според нејзиното мислење, суштински емоции, страв и срам, во обликувањето на афективната и социјалната динамика во врска со проблемот со името. Како дипломиран психолог, магистер по социологија и родови студии и доктор по културолошки студии, таа на проблемот на значењето на промената на името му пришла на многу широка основа. Извршила квалитативно истражување, при што го користела феноменолошкиот приод.

Група од 3 психолози од одделението за психологија при Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд, и еден социјален антрополог од Универзитетот во Оксфорд, Обединето Кралство, со квантитативни методи ја истражувале улогата на четири варијабли во објаснувањето на ваквиот отпор кон промената на името Македонија во Северна Македонија:

- колку силно луѓето чувствуваат дека името Македонија е неразделен дел од нивниот идентитет (фузија на идентитетот со името Македонија);
- степенот до кој луѓето се горди да бидат Македонци (идентификација);
- степенот до кој името Македонија се смета за света вредност, неподложна на компромиси; и
- есенцијализам, степенот до кој името Македонија се смета за нешто суштинско за да се биде Македонец.

Кои хипотези се проверувале

Истражувачите сакале да ги проверат следните хипотези:
- силна фузија со името Македонија ќе има за исход негативни ставови кон промената на името или бојкот на референдумот, односно гласање против;
- силна идентификација со земјата ќе има за исход негативни ставови кон промената на името или бојкот на референдумот, односно гласање против;
- сфаќањето дека името е света вредност ќе доведе до негативни ставови кон промена на името;
- сфаќањето дека името е суштина, “essence”, ќе доведе до негативни ставови кон промена на името.

Што покажале добиените резултати

Резултатите од истражувањето покажале дека се потврдиле само две од нивните хипотези:

1. Сфаќањето дека името е света вредност ќе доведе до негативни ставови кон промена на името, при што оние субјекти кои оваа варијабла ја оцениле повисоко имале понегативен став кон промената на името и веројатно го бојкотирале референдумот или гласале против;

2. Силна идентификација со земјата ќе има за исход негативни ставови кон промената на името или бојкот на референдумот, односно гласање против. Според оваа хипотеза, лицата што биле идентификувани со државата во повисок степен имале понегативен став кон промената на името. Треба да се спомене дека идентификацијата била послаб предиктор од светоста на името.

Другите две варијабли:

- Перципирањето на името Македонија како суштинско за идентитет, како и
- Фузијата со името Македонија
не ги предвиделе негативните ставови кон промената на името или кон гласањето.

Авторите на студијата ги објасниле добиените резултати. Концептот на светите вредности има одредена сличност со моралната димензија на чистотата (како што сметале Хајд и Грахам, 2007), што лежи во основа на верувањата дека одредени дејства, предмети или мисли можат да ја контаминираат или деградираат „чистата“ форма на поединец или на група. Во контекст на сегашното истражување, светоста на името Македонија може да биде другата, спротивната, страна на верувањето дека името Северна Македонија е „валкано“ и го „контаминира“ македонскиот идентитет. Името Македонија може да има културно-историска тежина и претставува чист идентитет. Предложеното ново име може да се сфати како повреда на таа чистота. Затоа, отпорот можел да се поттикне со одбивност кон она што се смета како повреда на светиот идентитет бидејќи старото име се смета за свето.

Изворно, истражувањето може да се види на: A Stojanov, K Segal, J Halberstadt, H Whitehouse, Psychological significance of name changes: A case study of (north) Macedonia's name referendum. International Journal of Psychology, volume 60, issue 1, February 2025.

Автор: Томе Николоски, дипломиран психолог

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот