Денес за првпат имав можност да бидам одговорна за реализација на екстерното тестирање на ученици кои завршуваат четврто одделение.
Видно исплашени влегоа во кабинетот и седнаа пред компјутерот кој треба да ги покаже прашањата кои ќе ја потврдат оценката стекната со макотрпна работа во тек на целата учебна година. Нивните учителки со охрабрување ги испратија во кабинетите каде треба да го покажат своето знаење по предметот по кој се тестираат.
Едни одговараа на прашања по природни науки, други по предметот англиски јазик, трети по предметот македонски јазик кој патем речено се изучува со пет наставни часа седмично, па според тоа учениците имаа можност (особено оние најсовесните, најодговорните и одличните) изминатите два дена да ги симнат од интернет прашањата кои броеја 500 и да ги повторат за денешното тестирање. Ова за нив е очигледно единствениот начин да се осигураат дека ќе ја задржат оценката која со мака и труд е стекната во текот на годината, а која не е резултат само на знаењата на децата, туку и нивните способности да се применат тие знаења во праксата и во животот, која е резултат на нивната љубов кон науката, чувството на одговорност кон себе, кон работните обврски, кон родителите, кон другарите, кон средината, кон татковината, кон човекот и кон планетата…оценка која е резултат на сите додатни активности во училиштето, со која ученикот се издвојува како индивидуа, посебна од другите.
И наместо таа посебност на секој ученик и неговите заложби и успеси во одредена научна дисциплина да бидат мотив и поттик повеќе да напредува и да го осознава светот на науката, денес тоа дете од девет години е соочено со стравот дали ќе ја задржи оценката која сосема сигурно ќе се одрази на неговиот успех.
А токму таа посебност ја јакне самодовербата, ја зацврстува желбата за истражување, влијае врз поставување на целите кои стојат како предизвик…таа посебност која прави да се биде единствен…свој…
Сепак, денес имавме нешто сосема поинаку, нешто што се нарекува шаблон, рамка на размислување, граница… нешто што ги изедначува сите ученици во начинот на очекуваниот одговор…како на пример кога одговорот е започнат и треба да се доврши…веројатно со еден признаен точен одговор од понудените четири… и тоа како доказ дека ученикот успешно ја совладал наставната единица…
Пр: прашање по македонски јазик за четврто одделение:
„Диме влезе во автобусот и седна на првото слободно место. Веднаш по него влезе девојче. Таа стискаше едно ќебенце, низ кое ѕиркаше малечко капче. Диме рипна. Девојчето седна на неговото место и размотувајќи го кебето извади голема кукла. Патниците се насмеаја, а Диме поцрвене.“ Ликот на девојчето е претставен како:
Тука се поставува прашањето: На што треба да ги учиме децата? На творештво, да гледаат надвор од рамката, да го замислат незамисливото за да станат научници или да се обидуваат да мислат на ист начин, да одговараат со исти зборови, да се држат до шаблонот?
До истекот на времето предвидено за тестот остана едно девојченце, кое по којзнае кој пат го проверуваше тестот. На излегување забележав дека нејзината мајка ја чека во ходникот. Ја испрати ќеркичката во училишниот двор за да ми каже дека вчера плачела додека ги повторувала прашањата за денешниот тест.
Една од основните цели на воспитно – образовниот систем градење на здрави и среќни луѓе.
Ако е така, вистинското прашање е: Каде згрешивме?
Биљана Димковска,
Наставнички пленум