Ако се укине екстерното, постепено се ќе се врати по старо. Тие со поголемо влијание, ќе ургираат нивното дете да биде со одличен успех без разлика на неговиот квалитет. Дел од учениците ќе имаат висок успех со труд и знаење, а дел ќе имаат висок успех благодарение на нивните влијателни родители
Екстерното тестирање е тестирање на реално стекнатото знаење, а тоа постои во сите напредни земји. И секаде како и кај нас, претставува одреден стрес за ученикот, но тоа не е голгота туку неопходен дел на образовниот процес - изјави на прес конференција Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, намерата на СДСМ да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа, бидејќи тоа го оцени само како додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот.
- Екстерното тестирање го воведовме како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка. Тоа во моментот ги задоволуваше и учениците и родителите, но предизвикуваше штети во две насоки - ги изедначуваше и подобрите и послабите ученици и влијаеше на потешко препознавање на квалитетот. Од друга страна ги стимулираше учениците и нивните родители и понатаму без многу труд и учење да добиваат повисоки оценки - рече Спировски.
Според него, тоа на долг рок предизвикува сериозни последици врз цели генерации кои треба да се вработат и да се натпреваруваат на пазарот на труд со стекнатото знаење, а „проблемот со ниско стекнатото знаење е поголем кога учениците ќе се соочат со високата конкурентност на меѓународниот пазар“.
Ристовски нагласи дека новата владејачка партија со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија.
- Ако се укине екстерното, постепено се ќе се врати по старо. Тие со поголемо влијание, ќе ургираат нивното дете да биде со одличен успех без разлика на неговиот квалитет. Дел од учениците ќе имаат висок успех со труд и знаење, а дел ќе имаат висок успех благодарение на нивните влијателни родители. Вината повторно ќе падне на наставниците, иако тие и сега, како и порано ќе бидат принудувани да попуштат пред притисоците - рече Ристовски.
Тој признава дека првичниот модел не бил идеален, па затоа „по сугестија на родителите, наставниците, учениците и експертите го прилагодувале преку измени на законот, па системот значително се подобрил“.