Иако сме навикнати на можностите кои ни ги даваат денешните паметни телефони, на некои култни мобилни телефони и ден денес луѓето се сеќаваат и со задоволство повторно би ги користеле.
Некогаш мобилните телефони имаа копчиња, беа на преклоп, а батериите им траеја со денови, а не часови. Дали се сеќавате на тој период, пред појавувањето на паметните телефони?
Nokia 3310
Oвој модел се појави во 2000 година и е еден од најпродаваните модели на сите времиња. Nokia 3310 ќе остане запомнет како неуништив телефон, кој имаше бројни карактеристики кои во тој период беа ретки како што се калкулатор, потсетник и стоперица.
Nokia N95
Овој мобилен телефон се појави во 2006 година и беше посебно ценет поради своите мултимедијални можности, снимање квалитетни фотографии и видеа. Камерата имаше 5 мегапиксели што во тоа време беше најмоќна на пазарот. Моделот N95 имаше GPS и Wi-Fi со што за кратко време стана вистински хит.
BlackBerry Pearl
Времето на зависност од паметните телефони започна токму со овој модел, поточно во 2006 година. BlackBerry денес скоро целосно е исфрлен од пазарот, меѓутоа овој модел своевремено беше вистински хит. Лесен телефон со одлична тастатура, овој модел беше првиот BlackBerry кој беше наменет за корисниците надвор од бизнис светот.
Motorola RAZR
RAZR се појави во 2004 година и за кратко време го доби култниот статус поради својот дизајн. Телефонот беше доста танок во однос на тогашната конкуренција и донесе револуција во дизајнот на мобилните телефони со својот преклоп.
Nokia N-Gage
Овој мобилен беше првиот обид за мобилен гејминг. Игрите се играа преку мали картички кои се ставаа во уредот. И додека N-Gage беше одличен за играње, се покажа целосно непрактичен за повици и пораки со што беше прогласен за еден од најголемите неуспеси во историјата на технологијата.