Не правете го ова дома, препуштете ја оваа работа на професионалците: научниците од британскиот универзитет во Плејмаут фрлиле стар ајфон во блендер.
Постојат две причини за овој експеримент: нивната љубопитност да откријат од што се состои и поттик да ги рециклираме нашите уреди.
Блендерот го расклопил телефонот на најситни парчиња и го претворил во прашина. Научниците потоа ги загреале остатоците на 500 Целзиусови степени и ги измешале со силен оксидант што на научниците им овозможил детална анализа на состојките на телефонот.
Очекувано, остатоците од телефонот содржеле железо, силициум и хром. Биле пронајдени и 900 милиграми вофлрам, 70 милиграми кобалт, 90 милиграми сребро и 36 милиграми злато.
Во извештајот, објавен на веб-страницата на универзитетот, пишува дека резултатите покажуваат дека за создавање само еден телефон треба да се ископаат 10-15 килограми руда, вклучувајќи седум килограми висококвалитетна златна руда, килограм бакарна руда, 750 грама волфрам руда и 200 грама никел руда.
- Сè повеќе се потпираме на нашите мобилни телефони, но колку од нас всушност размислуваат за тоа што се наоѓа зад екранот? - вели коавторот на проектот, д-р Арјан Дијкстра, геолог од училиштето за географија, земја и природни науки на универзитетот во Плејмаут.
- Рудите волфрам и кобалт доаѓаат од зоните на конфликт во Африка. Постојат и ретки елементи како неодиум, празеодиум, гадолиниум и диспорзиум, да не споменеме злато, сребро и други високовредни елементи. Сето тоа треба да се ископа од земјата.
Луѓето стануваат социјално одговорни и сè повеќе ги интересира содржината на она што го купуваат, смета д-р Колин Виликнс, професор по економска геологија кој учествувал во овој експеримент.
Неколку од најголемите компании за
мобилни телефони се обврзаа да ги зголемат стапките на рециклирање, а одборот за Олимписки игри во Токио 2020 година ќе ги изработи медалите од рециклиран е-отпад вклучувајќи сè, од слушалки и дигитални фотоапарати до преносни компјутер и конзоли.