X
 07.06.2015 Образование

Ова се најдобрите македонски инженери за 2015-та година


Фото: ОхридЊуз

Деветнаесет првенци од техничките факултети во Македонија оваа година го добија признанието “Инженерски прстен 2015“. Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, вечерва во Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид по 12-ти пат им ги врачи престижните „Инженерски прстени“ на најдобрите академци од техничките факултети во земјата.

Честитајќи им го успехот на најдобрите студенти од годинaшната академска генерација, Иванов од брегот на Охридското Езеро им порача да не се задоволуваат со безбедноста на безенот или пријатноста на Eзерото, туку храбро да запловат во океанот на инженерството, на технологијата и науката.

Фото - галерија од ПЛАОШНИК / Фото: ОхридЊуз

- Езерото и базенот се претесни за луѓето како вас. Кога ќе запловите во океанот, вие се вклучувате во глобалната виртуелна трка на умови, иновации и технолошки решенија. Во таа глобална трка успеваат најпосветените, најработливите, најкреативните. А прво правило во секоја трка, е дека никогаш не треба да се споредувате со понеуспешните од вас. Второ правило, секогаш натпреварувајте се со подобрите и учете од нив, од решенијата со кои постигнале успех, за да можете да ги достигнете и престигнете, истакна Иванов.

Претседателот Иванов забележа дека инвестирањето во инжинерското образование почнува да дава резултати, односно дека новорофмираните факултети од инженерските струки веќе ги образуваа првите генерации апсолвенти и оттаму и годинава имаме рекорден број добитници на инженерски прстен.

- Од Вас очекуваме да се втурнете во динамичните води на технолошкиот напредок, кој со секоја нова генерација не запира, туку се забрзува и добива на интензитет и на квалитет, рече Иванов посакувајќи им на наградените инженери да бидат движечката сила на нашето општество, да бидат дел од човечкиот потенцијал кој ќе ни обезбеди богато и развиено општество.

За младите дипломци, првенци на техничките факултети наградата „Инженерски прстен“ претставува признание, како за нив лично, така и за нивните родители и кадарот на образовните институции.

- Оваа награда претставува охрабрување за сите нас да продолжиме со успеси, да не застанеме тука, туку да продолжиме да се дообразуваме. Мотивација за да бидеме покомпетентни, како во едукативниот свет така и конкретно во техничката пракса, истакна Анита Поповска, првенец на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Таа својата иднина и професионална кариера ја гледа тука во Македонија, изразувајќи надеж дека државата ќе обезбеди услови и работни места за нивно целосно исполнување како најдобри инженери.

На присутните на свеченоста со честитки им се обратија и претседателот на Инженерската институција на Македонија проф. Александар Димитров, како и Комората на овластени архитекти и инженери на Република Македонија Блашко Димитров.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование