X
 17.04.2020 Наша тема

Монументалните дела се паметат по една личност, но зад неа стои армија - сто години инженерство во Македонија

Во 1925 година инженерите издејствувале електрификација и подобрување на сообраќајната, железничката и патната инфраструктура на македонска територија, но и да се разгледаат можностите за отворање нови рудни наоѓалишта

Повеќе од педесет инженери работеле во Македонија пред еден век. Тие несомнено имале потреба здружено да дејствуваат и да се наметнат на државно ниво за решавање на „локалните“ прашања. Тоа е времето по османлиското ропство, веднаш по Првата светска војна и балканските војни, кога Македонија е опустошена и сиромашна аграрна земја, во која нема услови за следење на тогашните нови технолошки достигнувања, вели проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Асоцијацијата на здруженија на инженерите - Инженерска институција на Македонија.

Со неа разговараме за тоа во какви услови била формирана асоцијацијата, која деновиве одбележа сто години од основањето.



Спасевска е професорка на Факултетот за електротехнички и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа објаснува дека првото македонско здружение на инженерите и архитектите е формирано на 21 март 1920 година во Скопје, како самостојна секција на Здружението на југословенските инженери и архитекти од страна на група инженери и техничари кои дотогаш биле дел од белградската секција. Тие одржале собрание и испратиле допис до т.н. „главна управа“ во Белград, со приложен правилник за работа.

- Во тоа време во Македонија работеле повеќе од педесет инженери кои несомнено имале потреба преку здружено дејствување да се наметнат на државно ниво за решавање на, како што велеле, „локалните“ прашања. Тоа е времето по османлиското ропство, веднаш по Првата светска војна и балканските војни, кога немало услови за следење на тогашните нови технолошки достигнувања. Но, само неколку години подоцна, во 1925 година, успеале да издејствуваат Здружението на југословенските инженери и архитекти да донесе резолуција со која ќе се побара од државата електрификација и подобрување на сообраќајната, железничката и патната инфраструктура на македонска територија, но и да се разгледаат можностите за отворање нови рудни наоѓалишта - објаснува Спасевска.

За подобра и посветла иднина на народот и државата

Во периодот до Втората светска војна македонските инженери, преку резолуции што ги носат на своите годишни собранија, постојано предлагаат начини за подобрување на економијата во земјата. Спасевска вели дека многу значајна е резолуцијата што ја донеле на 16 февруари 1941 година: „..состојбата во светот и во нашата држава го наметнува јасниот став на инженерите да придонесат во создавањето подобра и посреќна иднина на народот и државата, учествувајќи во решавање проблеми поврзани со инженерското творење... Потребно е да се создадат услови за зголемување на производството на добрата, потребни на народот и државата, со правична распределба, оневозможувајќи неконтролирано искористување на работната сила и суровините од страна на странскиот капитал и странците“.


Проф. д-р Христина Спасевска

- Сега, кога се соочуваме со светска криза предизвикана од коронавирусот, правилата и заложбите што ги предлагале инженерите, поставени уште во тоа дамнешно време, секако важат и денес - децидна е Спасевска.

За жал, не е сочуван записникот со списокот на присутните членови на првиот состанок на инженерите. Единствен податок е името на потпишаниот инженер, потпретседателот на здружението - Никола Ѓуриќ. Другите историски документи сведочат дека во 1933 година претседател бил Живорад Николиќ, во 1937 бил Владимир Оровиќ, 1939 - Младен Младеновиќ, а резолуцијата донесена на 16 февруари 1941 како претседател ја потпишал Божидар Нешовиќ.

- Во согласност со заклучоците на АСНОМ да се изгради државата, здружението се обновува на иницијатива на Ѓорѓи Василев, тогашен министер за индустрија и рударство на Македонија, Александар Гаревски, помошник-министер за индустрија и рударство, потоа Киро Георгиевски-Дејан, Илија Брашнарски, Иван Талев, Кирил Жерновски, Димитар Караџов, Ванчо Андреев, Лазар Симов, Пенчо Зафиров, Димитар Теохаров и други. Оттогаш многу видни инженери на клучни позиции и функции, вклучени во економскиот, политичкиот и општествениот живот, се претседатели на оваа организација, со што се потврдува нејзината значајна улога во нашето општеството - објаснува Спасевска.

„Да се има ред во еснафот“

Сè што се творело во изминатиот век, но и подолго, најголемите достигнувања во областа на инженерството и примената на новите технологии, е резултат на инженерскиот ангажман, децидна е таа.

- Тоа секако овозможило развој на економијата и подобрување на целокупното живеење на граѓаните. Инженерското здружување е многу значајно бидејќи ги дефинира политиките и правилата што треба да ги применуваат инженерите во своето работење. Или како што милуваме да кажеме - „да има ред во еснафот“. Здружувањето ни овозможува на многу лесен начин да ги разменуваме нашите знаења и искуства, да ги споделуваме со колегите од различните инженерски струки. Токму затоа инженерските здруженија се организатори на голем број научни и стручни конференции и работилници, на кои се презентираат остварените проекти, новите технологии и нивната примена. Тие секако треба да се вклучени и во дебатите при усвојување или да се предлагачи на закони од сите сфери на општеството - вели Спасевска.



Во Асоцијацијата на здруженијата на инженерите - Инженерската институција на Македонија денес членуваат 20 здруженија од сите инженерски струки. Во нив се вклучени голем број инженери што работат во индустријата, државните институции, но и на универзитетите.
- Можеме слободно да кажеме дека Инженерската институција на Македонија е професионална, научно-стручна невладина организација. Секогаш свртена кон поддршката на младите инженери, во нејзини рамки работи и Клубот на млади инженери преку кој тие можат да ги искажат своите ставови, потреби и барања - вели Спасевска.

Асоцијацијата е иницијатор на признанието Инженерски прстен, кое им се доделува на најдобрите дипломирани студенти веќе 16 години, под покровителство на претседателот на државата. Според Спасевска, целта е да ги истакне и мотивира најдобрите, но и да го промовира инженерството како професија кај младите. До денес со ова признание се стекнале точно 170 добитници, истакнати експерти и научници во државата и во странство.

Што е потребно да се биде добар инженер?

Веќе 10 години партнер им е Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Како членка на Асоцијацијата на европските национални инженерски организации и на Европската организација на млади инженери, активно се вклучени во креирањето на европските политики за инженерите. Иженерската институција на Македонија со своите ресурси, како модерна организација, својата одржливост ја остварува преку реализација на повеќе национални и меѓународни проекти. Изминатите десетина години сме биле координатори или партнери во проекти на програмите на Централно европската иницијатива, ИПА и Хоризонт 2020, од областите на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливоста на транспортот.
Следејќи ги глобалните предизвици за родова еднаквост, Инженерската институција на Македонија и ЕВН три години по ред ги организираат меѓународните конференции за жените во енергетиката и индустријата. Ако се создадат поволни услови по пандемијата на Ковид-19, наесен во Охрид ќе ја организираат 46. Европска конференција на млади инженери, на која треба да учествуваат околу 200 млади инженери од сите европски земји.



Спасевска вели дека една од нејзините задачи како професор на ФЕИТ е да им посочи на студентите што всушност значи да се биде добар инженер.
- Како професионалец, треба секогаш да го користи предизвикот за работи на големи проекти, затоа што со вклучувањето во големи интердисциплинарни тимови може да се стекне вистинско искуство. Секогаш на ум да ја има улогата на инженерот во компанијата, да создава нови производи и процеси, а таму каде што треба, да ја даде својата експертиза, секогаш да прави оптимизирање помеѓу квалитетот и вредноста, а со тоа да создава одржливост на проектот. Како личност, добриот инженер треба да знае дека монументалните дела се прават со тимска работа, со другите колеги инженери, со работниците вклучени во процесот и, секако, правејќи ја реалност визијата на инвеститорот. Можеби тие дела ќе се паметат по една личност, но зад сите нив стои армија од луѓе. Некогаш не е доволно човек да биде само добар инженер, потребно е да има храброст да го менува на подобро мислењето на другите - завршува Спасевска.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема