СОВЕТИ ОД ЦЕНТРИТЕ ЗА КАРИЕРА
Најголемиот дел од матурантите завршија со за нив најзначајното полагање- државната матура. Но, во следниот период ги чека можеби една од најтешките оддлуки во животот, изборот на студиите, односно идната професија.
Стотици студиски програми нудат државните и приватните факултети во земјава, но кој е вистинскиот избор? Дали да се послуша срцето, разумот, родителите или пак повиците на државните институции за избор согласно слободните работни места на пазарот на труд?
Афинитетите, традицијата и реномето на високообразовната институција, признати студии во странство, но и прецизно информирање за студиските програми, се клучните нешта на кои треба да се обрне внимание секој матурант, советуваат експертите од Центрите за кариера.
М-р Маријана Секуловска, раководител на Центарот за кариера на Економскиот факултет на УКИМ објаснува дека најважно е идните студенти да обрнат внимание на реномето и традицијата на факултетите.
- Ова е битно при самото пробивање на пазарот на трудот откако ќе завршат факултет. Самите фирми, на некој начин прават дискриминација, која нас на УКИМ ни оди во прилог. При вработување секогаш предност имаат дипломци од факултети со реноме и традиција, а ние ја имаме веќе 65 години. Многу важна работа која е во иста линија со овие карактеристки е да обрнат внимание колку факулктетот кој сакаат да го изберат има вмреженост со бизнис заедницата, односно меѓусебна соработка. Ние на пример тоа го правиме преку организирањето на практичната настава, студиски посети и најразлична соработка. Кога ќе дојде време да се излезе на пазарот на трудот студентот да има нешто веќе во своето си-ви. Значи избрете факултет кој ќе ви понуди нешто да си ставите во сивито, а со тоа и ќе ви даде вештини за да се продадете на пазарот на трудот – вели таа.
Според Секуловска, матурантите важно е и да внимаваат и да изберат факултет кој ќе ги вклучи во неговата работа
- Кај нас студентите волонтираат, ни пмагаат кога имаме денови за презентации, промоции и слично. Инаку, пазарот на трудот постојано се менува, затоа и самите факултети треба да ги следат промените. Идните студенти треба да обрнат внимание дали факултетот ги следи современите текови, новите технологии. При изборот на насоките, па највжно е да добијат ибформација, да видат за што станува збор, а тоа може да го направат ако го посетат факултетот. Така и физички ќе го искусат просторот. Помага и искуството на студентите кои веќе студираат, па треба и со нив да поразговараат. Важно е да прашуваат и да добијат информација пред да одлучат – вели Секуловска.
Желбата на самиот матурант како и афинитетите кои ги покажува кон одредена област се најважни при изборот на студиите, за Леон Бакрачески, заменик директор на ФОН Универзитетот. Тој советува дека вака нема да направат погрешен избор.
- Секој матурант, треба да си ја следи својата желба при изборот на факултетот, а не на неговите родители или на некој друг. Исто така при изборот на професијата најважни се афинитетите. Не секогаш треба да се гледаат само побарувањата на општествотото, бидејќи тие се менливи, а посебно на пазар мал како нашиот. Најважно е да се сака тоа што ќе се избере да се учи. Тоа е клуч за успех во работата понатаму. Не е најважно тоа што е тренд во моментот или она за што се нуди работа. Нашите истражувања, на пример велат дека за три години нашиот пазар ќе биде презаситен од информатичари. Сега, не е така. Исто така матурантите треба да обрнат внимание и на студиските програми. Секој факултет нуди голем избор, па треба да ја изберат вистинската насока. Тоа се прави со информирање. Да ја прочитаат наставната програма, да видат кои предмети ги имаат, колкаво оптоварување е секој од нив итн. Само така се прави вистинскиот избор -смета Бакрачески.
За идните студнети важно е програмата да биде акредитирана и меѓународно призната. Токму на ова треба да обрнат внимание матурантите, смета Бурбуќе Капроли Хамзаи, раководител на Центарот за кариера на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово. Таа вели дека особно денес, на матурантите не им е лесно да одлучат што ќе студираат.
- Движењето на работни места денес е полесно од било кога. Компании и институции во Македонија започнаа да соработуваат со компании од странство, што подразбира дека една таква диплома е барана и пошироко. Младите можат да работат во различни држави како усовршени експерти во одредена област. Вториот елемент е да се изберат насоки кои се барани, занимања кои се дефицит. Важно е и да го сакаат тоа што ќе го работат, но и да изберат насоки – универзитети што освен можноста за специјализација во една област да можат да ги опремат со добро познавање на компјутери и англиски јазик. И на крај, важно е да изберат програми кои освен од теоретски аспект да можат на студентот да му овозможат и практично усовршување- вели Капроли Хамзаи.