X
 22.07.2015 Економија

Што значат економските изрази кои ги користиме за грчката криза?

Грција е главна тема на разговор во животите на луѓето во областа на економијата, но и останатите. Изминатиот месец земјата беше погодена од многу случки кои ја потресоа цела Европа. Меѓу другото, Грција има нов Министер за финансии - Еуклид Цакалотос. Најновата вест од земјата е усвоениот трет пакет за помош од надворешните кредитори, додека истовремено на улиците во големите градови се случуваат најголемите протести во последните години, според многумина.


Само пред неколку недели беше одржан референдум, но и покрај него, грчкиот парламент одлучи да ги прифати новите услови на европските кредитори, иако луѓето изгласаа против оваа одлука. За оние кои не студирале економија, постојат некои термини кои се користат постојано во вестите за економската криза во Грција а можеби не се јасни. „Вајс“ ги објаснува најважните и најпопуларните.

Банкрот

Тоа значи она што претпоставувате. Државата повеќе нема пари за пензии, државни плати и враќање на долговите на другите држави или на меѓународните тела. До тоа стигнува бидејќи државата не можела да ги отплати кредитите или да најде нови кредитори. Она што ќе се случи потоа тешко е да се предвиди бидејќи сè зависи од законите во моментот. Во пракса тоа значи дека полицијата престанува да работи, вредноста на парите паѓа, недостасува храна и бензин итн.

Bailout plan - план за спасување

Спасот од банкрот, односно парите кои друга држава или меѓународна заедница се подготвени да ѝ ги позајмат на државата која е пред банкрот. За власта, ова е спас од безизлезна ситуација, но за граѓаните тоа се синџири за намалување на платите, пензиите и зголемување на даноците.

GREXIT

Со оваа опција, Грција би ја напуштила Еврозоната, односно еврото и би ја вратила својата стара валута. Мислењата се поделени во врска со тоа дали ова значи излез од ЕУ или не. На неодамнешниот референдум Грците изгласаа за овој излез, но владата и парламентот се одлучија за другата опција.


Еврозона

Еврозоната не е исто како и Европската унија. Овде се работи за парите, односно државите кои го користат еврото. Само 19 држави од 28-те членки на ЕУ го користат еврото.

Тројка

Ова е назив за меѓународните кредитори составени од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Тие ги кројат правилата на игра и им помагаат на државите во криза.

Кредит

Позајмени пари кои грчката влада одлучи повторно да ги земе, и покрај несогласувањето на референдумот. Новиот кредит изнесува 86 милијарди евра.

Дефицит

Ова е ситуација кога приходите се помали од расходите, а во случајот на држава, кога таа троши повеќе отколку што успева да собере.

Инсолвентност

Ова е ситуација кога се нема доволно пари во банките за да се одржите во моменталната состојба, односно за да ги покриете потребите.

БДП (Бруто домашен производ)

Сè што се случува во економијата на една земја, од продавањето гуми за џвакање до купување ваучери за користење попусти. Ова е количеството пари кое се прави во една држава, односно сите производи и услуги кои кружат на пазарот, независно од тоа дали се произведени од домашни или странски фирми.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија