Напуштените згради на селото Калио во централна Грција, кои до неодамна беа потопени во вештачкото езеро, повторно се појавија за време на голема суша поради падот на нивото на езерото, главниот резервоар за вода за Атина.
Во вештачкото езеро Морнос, на 200 километри западно од главниот град, во последните месеци има 30 отсто помалку вода во споредба со лани, покажуваат податоците на водоводното претпријатие „Ејдап“.
Оние што живеат покрај езерото беа сведоци на тоа што се случува. Така, Јоргос Јосифидис, пензионер кој живее над некогашното село Калија, вели дека нивото на езерото паднало за 40 метри. Како и повеќето локални жители, и 60-годишниот Јоргос морал да го напушти својот дом кон крајот на 70-тите години кога била изградена браната со која било создадено езерото Морнос.
Речиси 80 куќи од селото Калио, црквата и основното училиште биле потопени за да се обезбеди водоснабдување за Атина.
Поради падот на нивото на езерото кое го исполнуваат блиските реки Морнос и Евинос, сега повторно се појавија урнатини од куќите.
- Се гледа приземјето што остана од двокатницата, а до него е куќата на моите роднини - вели Јоргос.
Годинава сушата се влоши во Грција. Земјата е навикната на летните топлотни бранови, но не до овој степен: по најблагата зима досега забележана во Грција, во јуни и јули беа срушени топлинските рекорди.
Ова е втор пат како се појавува селото Калио, а првпат се појавило за време на сушата на почетокот на 90-тите години, се сеќава Јоргос.
- Ако наскоро не заврне дожд, нивото на водата ќе се намали уште повеќе и проблемот ќе биде посериозен - додаде тој.
Фото:
Twitter
Анастис Папагеоргиу, 26-годишен лекар кој живее во Амигдалија, село веднаш до Морнос, се сеќава дека во последните две години имало малку дожд и снег на блиските планини.
Поради ризикот од недостиг на вода, грчките власти ги повикаа 3,7 милиони жители на Атика, регионот околу Атина и дом на една третина од населението во Грција, да внимаваат со потрошувачката на вода. Не се воведени ограничувања, но повиците за умереност се секојдневно во медиумите и на социјалните мрежи.
Се повикуваат луѓето да не ги полнат кадите и да ги исклучуваат чешмите додека ги мијат забите.
Извор:
6yka.com
Фото:
Twitter