Игрите кои ги создаде Microsoft, а кои се наоѓаат на сите верзии на оперативниот систем Windows, се игри кои се играни од најголем број на луѓе.
Minesweeper и Soltaire се игри кои се наоѓаат на сите компјутери ширум светот, и се популарни бидејќи се интересни, а притоа и едноставни. Но, тие не настанале само за забава на корисниците на Windows.
Позади настанувањето на овие игри се крие тајната намера на Microsoft, а тоа е да ги едуцира своите корисници. Едноставниот дизајн на овие игри послужија како „полигон“ за вежбање.
Solitaire, играта со редење на карти, која се појавила во 1990 година на Windows 3.0, е направена со цел корисникот да научи да го користи глувчето, односно да ја вежба функцијата „drag and drop“ без корисниците да сфатат што прават со глувчето. Познатата игра Minesweeper настанала во 1992 година, а била вежба за употреба на левиот и десниот клик.
Истото важи и за играта Hearts која била воведена во Windows for Workgroups 3.1 во 1992 година - првата мрежна верзија на оперативниот систем која ја користела NetDDE технологијата за комуникација со другите играчи. Сепак, ова не било само игра. Било начин луѓето да се заинтересираат за мрежните способности на нивниот систем.
И на крај, играта Freecell која била воведена во Windows 3.1 како дел од Microsoft Entertainment Pack Volume 2. Целта била да се тестира 32 битниот систем. Доколку беше несоодветно инсталиран системот, тогаш играта не можеше да функционира.
Но, но се знае зошто игрите продолжиле да постојат откако нивната цел била исполнета - можеби затоа што луѓето премногу се забавуваа со нив. На крај, во 2012 година, Microsoft го објави Windows 8 без нитуедна игра. Корисниците можеа да ги спуштат игрите, меѓутоа мораа да платат за да играат без реклами. Со доаѓањето на Windows 10, се врати само Solitaire. Доколку ги барате другите игри, ќе ви се појави дека треба да ги спуштите нивните најнови верзии. Можеби сепак се крие друга цел - да научите да ја користите Windows продавницата.