X
 30.06.2018 Технологија

„Гугл“ подготвува платформа за игри која би функционирала како „Нетфликс“?

Се чини дека „Гугл“ планира да лансира сервис и конзола за стримање игри преку интернет за да може да му конкурира на „плејстејшн“ на „Сони“ и на сервисот на „Мајкрософт“, кој сѐ уште е во изработка.

Станува збор за услуга слична на „Нетфликс“, но луѓето наместо стримање филмови и серии од интернет, би можеле да играат игри, а да не мора претходно да ги инсталираат.

Уште во февруари се појавија првите шпекулации за овој сервис на „Гугл“, кој има кодно име „Јети“, но сега веќе се зборува дека се работи на посебен хардвер за него.

„Гугл“ со сервисот би требало да развие и посебна играчка конзола која ќе работи на „Андроид“ состави, слично како „плејстејшн“ и „икс бокс“. Наводно, вработените во „Гугл“ во текот на конференцијата „Гејм девелоперс“, која во март се одржа во Сан Франциско, се состанале со разни компании што произведуваат игри за да договорат потенцијална соработка. Се чини и дека „Гугл“ би можел да инвестира во компании што развиваат игри или дури и да ги купи.

Фото: Telegram

Сервисот преку кој се стримаат игри не бара никаков силен хардвер со оглед на тоа дека играта всушност се покренува на некој сервер, односно во облак. Производителот на графички карти „Нвидиа“ исто така понуди сличен сервис, а се чини дека „Гугл“ сега сака да направи нешто слично. Ако покренувањето на игрите се префрли на сервер, со тоа практично на корисниците им се овозможува графички понапредните игри да ги играат на кој било уред, од мобилен до телевизор. Важно ќе биде само да се има стабилен и брз интернет.

Веќе имаше обиди за слични проекти, но тие главно пропаѓаа поради недостигот на инфраструктура, што резултира со лош квалитет на услугата. Сепак, ако некој може да го реализира ова, тогаш тоа е „Гугл“.
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија