X
 31.05.2017 Образование

Што мислите за градинки без играчки?


Детенце реди лего коцки
(Фото: Pixabay)

Иако ваквата пракса некому може да изгледа како престрога, тие наведуваат дека зад истата се крие важна педагошка цел: да се развијат животни вештини кои ќе им помагаат на децата да се изборат со какви било навики на зависност со кои би можеле да се сретнат во иднина.

„The Atlantic“ донесува приказна за една мајка со американско потекло, за искуството што го имале нејзините деца во една берлинска градинка, каде што уште од  деведесеттите години од минатиот век се практикува тримесечна сезона без играчки.

Децата и родителите однапред се известуваат за почетокот на таквата сезона. После тоа, децата заедно со воспитувачите, ги собираат сите видови играчки и социјални игри, а воспитувачките за тоа време се задолжени да ги набљудуваат децата, без сугестии што треба да прават и како да си играат.

Кога немаат играчки, децата се во состојба да развиваат сопствени идеи и да осмислуваат сопствени игри. Тогаш повеќе време поминуваат заедно, а воедно и работат на зајакнување на разбирањето на сопственото однесување, како и на емпатија, креативност и критичко размислување, решавање на проблеми и исправување на грешки, се наведува во изјавата на Елизабет Заиферт, директорка на минхенската организација Action Jugendshutz, која е промотор на оваа идеја.

Идејата за ваква иницијатива се развила уште во осумдесеттите години кај една студиска група која се занимавала со проблеми на зависности, и чии членови работеле со возрасни зависници. Во тој период дошле до сознание дека за многумина од нив формирањето на зависничките навики почнало уште во периодот на детството. Затоа одлучиле да организираат ваква иницијатива во градинките, со деца на возраст од 3 до 6 години, на начин да ги изолираат децата од предметите кои најчесто ги користат за да го тргнат вниманието од негативните чувства што можат да им се појават во определен  момент.

Јасно е дека проектот се соочил со несогласување, во 1997 година конзервативното списание „Focus“ објавило  мислење од неколкумина психолози кои ваквата метода ја сметале за погрешна, што поради недостаток на научни докази, што поради верување дека истата всушност е стресна за децата. Ханс Могел, професор по психологија на Универзитетот „Пасау“, дури тврдел дека истата може да се смета за еден вид злоставување на децата.

Проектот предизвикал и негодување од родителите, по што предвидениот период од три месеци бил заменет со период од шест недели, и не во зима, туку на пролет, кога децата училниците ги заменуваат со чести прошетки во природа.

Денес најчесто се одредува еден ден во неделата кога нема играчки, а проектот се спроведува во Австрија и во Швајцарија.

Студиите кои се спроведени подоцна, како онаа од авторката Ана Винтер во списанието „Prävention“  или студијата од 1998 година, која ја спроведе австрискиот институт ӦIBF, наведуваат дека децата кои учествувале во овие проекти покажале повисоко ниво на социјална интеракција, креативност, емпатија и вештини на комуницирање.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование