Согласно Законот за основно образование, во 1999 година во вкупно 1 100 основни училишта меѓу кои и Основното училиште „ Добре Јованоски “, се запишале вкупно 259 081 ученици, од кои 124 698 биле ученички, 134 383 биле ученици. Во горенаведената бројка на запишани ученици се вбројува и класот Прво В одделение од Основното училиште „ Добре Јованоски “, кое броеше вкупно 26 ученици, Македонци и Роми.
Пред почетокот на учебната година во 1999 година паметам дека родителите беа распрскани на сите страни прибирајќи ранец, тетратка и молив за своите деца. Покрај тоа се сеќавам и на маалските муабети за тоа каде ќе ги запишаат своите деца – во кое училиште. Изборот на моите родители беше основното училиште „ Добре Јованоски “ кое се наоѓаше ( сеуште ) во непосредна близина од моето маало, Тоа датира од постари времиња и се наоѓа по долниот тек на улицата Београдска и е во населбата Тризла – Прилеп.
Први септември беше тоа денот кога улиците беа преплавени со родители и деца распрскани на сите страни. На околу еден километар се наслушкуваше џагорот кој што ме заплашуваше. Во тој ек од солзи и смеа наидов на толпа дечиња кои фатени за раце кај своите родители чекаа да се отвори тогаш старата и излитена дрвена врата изработена од тешко дабово дрво. Беше и остана тоа убав момент во моите сеќавања, одеднаш толпата се најде во холот на училиштето каде што високо на најгорната скала која што го поврзуваше вториот спрат од училиштето се појави тогашниот директор Трајче Талимџиоски а околу него неколку наставници кои чекаа на своите првачиња. Листови на сите страни, забрзани родители да стигнат во први редови за да слушнат во чии раце нивното дете ќе падне. На стотина метри од мене, високо на скалилата стоеше една отмена жена со темно црвена коса, изразени очи и чиста елеганција препознатлива за жените со висок морал и углед. Да, тоа беше втората „ биолошка “ мајка, Зора Ацеска. Откако го слушнав своето име се упатив кон училницата која остави огромни траги во мојот живот, тоа беше училницата Прво В. Внатре на старите дрвени столчиња испоседнати родителите кои водеа некакви си горделиви муабети и за тоа кој колку вложил при подготовката на своето дете за првиот училишен ден. Белата излитена врата одеднаш се отвори и се појави отмената и високо исправена наставничка која отпоздрави со топла насмевка. За момент во училницата беше толку тивко што можеше да се слушне мува, а околу мене испоседнати непознати деца со кои си упатувавме некакви чудни гримаси на прифаќање и негодување. Отакко нашите родители не напуштија останавме со нашата незаменлива и единствена во својата работа, со наставничката и мајка Зора Ацеска. Толку невини и исплашени внимателно слушавме што ќе каже наставничката, кога за момент се појавија две девојчина со пакети во раце кои биле странска донација за нас. Во знак на културата никој не побрза да ги отвори – нестрпливо чекајќи да излезиме надвор за да видиме што ни било поклонето, полн пакет со основен училишен прибор за кој неизмерно се радувавме.
Откако заврши првата средба со драгата наставничка, следуваше маратон во книжарниците за наоѓање на првата книга од која ја научивме и првата песничка ПРВАЧЕ за која добивме во тетратка петка со ѕвездичка. Тешко на родителите, но тие пак горди, а ние толку нервозни. Се слушаше негодувањето, не овој ранец, тој со Пинк Пантер или Том и Џери, тетратка со познатите дизни ликови и школски прибор со најразлини форми така направени за да бидат лесен плен на секое дете. На радоста и немаше крај, нестрпливо веќе од првиот училишен ден се чекаше секој нареден.
Први септември беше еден од клучните датуми за нас ( можеби и за останатите ) од класот Прво В одделение, време на кое ќе се сеќаваме на сите поминати плачки и смешки, односно на палавите работи со кои пак втората мајка знаеше вешто да се справи. Тогаш со сигурност не знаевме за НИЕ и ВИЕ, во споредба со сега кога детето е научено на многу негативни работи. Помеѓу нас постоеше голема пријателска љубов, другарување непроценливо за кое може да се напишат 10 книги за учениците од Прво В, но сето тоа се должеше на нашата драга наставничка Зора Ацеска. Толку многу не прифати што направи воопшто да не се почувствуваме различни, се прифативме како такви – првите ликовни уметности беа направени за време на првите собиранки по дома. Денес неизбежно е основното училиште Добре Јованоски кое така лоцирано мора да го разминам и да се отпоздравам со него – а тој за возврат ги враќа сите спомени. Потсетува на сите тие деца, на класот Прво В, на Маја, Влатко, Ирена, Давид, Сара, Галип, Александар, Сибел, Елза, Дејан, Бојана, Кире, Александра, Емилија, Фатмира, Ѓулистана, Мими, Мери, Адиља, Сертан, Алил, Зехран, Зоран, Сењур, како и на нашата втора мајка Зора Ацеска, односно на мојот втор дом каде научив за моралот и етиката, за можностите кои ги Први септември, за книгата и вистинското пријателство. Денес сите тие деца прераснавме во луѓе со достоинство, секој успешен во својата област: музика, театар, филм, математика, новинарство, право, економија и така натаму.
Тоа што го научив во текот на сите овие години потрошени на образование е дека образованието е најголемо човечко достигнување кое сакам да му се случи на секое дете започнувајќи од Први септември! За таа цел потребно е секое дете да биде вклулено во образовниот систем, само така ќе се овозможи да ја намалиме нетолеранцијата и дискриминацијата помеѓу младите.
Младите од секогаш биле авангарда на секое општество – на нив треба да се посвети огромно внимание, како што ние го имавме, за почит и разбирање на секого.