Ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 1938 година, пред точно 77 години нацистичкиот режим во Германија ја потврди сериозноста да ги спроведе до крај своите намери и идеи. 9 ноември претставува кулминација на повеќегодишниот процес на ставање на Евреите на маргините на општеството, преку понижување и тепање до смрт, како и уништување на се што е еврејско палејќи синагоги, дуќани, станови, училишта, библиотеки, фирми и институции. Во тој период некој с еповлекувал од јавниот живот или приклучувал кон насилниците - други одбрале отпор кон фашизмот и нацизмот. Затоа е потребно да се присетиме против отпорот на фашизмот но и на важноста за поддршката кон прогонетите денес.
„ Денеска се соочуваме со некои други предизвици кои се неспоредливи со тогашните по тежина, но има сличности во принципите од типот на појава на ксенофобија, омраза кон другиот или другата, омаловажување и дискриминирање на припадниците на друга вера, нација, род, луѓе од различна сексуална определба - сето тоа е присутно и видливо. Одбележувањето на Кристалната ноќ треба да го гледаме како придонес кон сеќавањето на жртвите на холокаустот, но и како повик за похумани односи помеѓу нас. “ – изјави Горан Талески од здружението Мировна Акција на вчерашната трибина во просториите на Музејот на Холокаустот на Евреите.
Маја Суша од меморијалниот центар во Скопје – на трибината пред присутните се обиде да даде целосна слика за збиднувањата на Евреите за време на Кристалната ноќ во 1938 година и нивното протерување во Германија.
„ Сто години пред доаѓањето на Хитлер на власт се градат голем број на синагоги и се доаѓа до една извесна бројка од 2 илјади синагоги на просторот Австрија и Германија. Пред да се случи Кристалната ноќ, во Германија во тој период имало петстотини илјади Евреи кои претставувале само еден процент од населението во Германија во периодот од 1933 година. Тој еден процент претставува точка на омраза од стран на нацистите. Таа ноќ, 9 ноември 1938 година, се случило занемување и уништување на Евреите во Германија, Австрија и остнатите земји. Меѓутоа се случило да во секој град биде уништено сето она што претставува еврејско, тоа биле синагогите, кои што претставувале центар на развој на еврејската култура и религија. Нивно малтретирање и протерување. Кристалната ноќ сама по себе зборува многу за целиот пресврт во историјата на светот и за важноста од нејзино одбележување кое секогаш треба да не потсетува на еден голем нечовечки однос. “ – вели Маја Суша од меморијалниот центар во Скопје.
До втората светска војна нацистите убија шест милиони Евреи во Европа како и голем број на Балканот. Од македонија вкупната бројка на спалени евреи изнесува 7 148, а околу 150 преживеале во затворите, преку движењето на отпорот во Албанија, Италија, Шпанија како и благодарение на странските државјани во тој период.
9 ноември се одбележува во знак на сеќавање на Кристалната ноќ која што се случила во нацистичка Германија во 1938 година кога се случил и погром врз еврејското население. Денес 9 ноември се смета за Меѓународниот ден на борба против фашизмот и антисемитизмот.
Во „Кристалната ноќ“ или како што уште се нарекува – Ноќта на погромот, германските нацисти разориле, уништиле и ограбиле безбројни еврејски дуќани, синагоги, библиотеки, фирми, училишта и институции. Запалени биле повеќе од илјада синагоги, целосно уништени повеќе од 7.000 еврејски претпријатија како и бројни еврејски домови, болници, школи и други институции.
За време на насилствата на нацистичките власти, биле убиени околу 100 лица од еврејско потекло, а околу 30.000 однесени во концентрациони логори. Централниот дел од погромот се случил ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938 година, но траел повеќе денови почнувајќи од 7 и заклучно со 13 ноември 1938 година.
Ноќта на погромот била еден вид вовед во целосна трагедија на еврејскиот народ под нацизмот за време на Втората светска војна кога се убиени околу шест милиони Евреи. Проценките се дека во Германија до 1933 година живееле повеќе од 530.000 Евреи и тоа била најголема еврејска заедница во тогашна Европа.
Повод за погромот над Евреите било убиството на секретарот на германската Амбасада во Париз, Ернст фон Рат, убиен од Хершел Гринспан чие семејство било депортирано од германските власти заедно со уште 15.000 полски Евреи.