Средношколците вчера ја започнаа новата учебна година, но и новата битка за подобро образование. Првото се одбележа на традиционалниот начин, а за второто се одржа средношколски собир во Паркот за новинари спроти Министерството за образование и наука.
На собирот од стотина средношколци имаше и студенти, родители и професори. Говорници на настанот беа Иван Јованов од „Младите можат“, Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум, Огнен Јанески, Теано Кардула од Средношколски пленум и Никола Писарев од „Го сакам ГТЦ“.
Граѓанските активисти ја поддржаа иницијативата на средношколците за заеднички собир со цел дискусија за понатамошните дејствувања и ги поздравија нивните претходни активности. Средношколскиот пленум на собирот најави засилување на активностите од оваа учебна година.
„Ние не се бориме само за матура и за екстерно, ова не смее да заврши. Ние ќе продолжиме да се бориме и за подобри услови во училиштата, да се бориме за подобри учебници,“ - изјави говорничката од Средношколскиот пленум.
На собирот не беа најавени конкретни активности кои средношколците ги планираат, но активности ќе има сигурно.
„Една ластовичка не ја носи пролетта. Но една ластовичка ја наговестува пролетта“, рече Огнен Јанески во своето обраќање до студентите.