Нелегалното модифицирање на вашиот ајфон за да инсталирате апликации кои ги нема во продавницата на „Apple“ можеби звучело како добра идеја на почетокот, но сега овие корисници се во опасност.
Истражувачи од „Palo Alto networks“ откриле закана за опасност на 225.000 корисници на ајфони кои го модифицирале телефонот за да користат недозволени апликации. Вирусот познат како „Key Raider“ најчесто се наоѓа во апликации преземени на платформата „Cydia“.
Кина е најзагрозена земја во овој напад, но се смета дека во опасност се корисници од 18 земји, меѓу кои САД, Канада и Австралија. Вирусот ги краде податоците на профилот на „Apple“, како корисничко име, лозинка итн. По крадењето, вирусот ги споделува информациите и ги оневозможува функциите на ајфоните и ајпедите.
Кинеската технолошка фирма „Wip Tech“ лоцирала половина од споделените податоци и создала
онлајн-проверувач за корисниците да видат дали нивните информации се јавни. Друг начин за проверка на безбедноста на секој ајфон засега не постои.