Во академската 2014/15 година на македонските високообразовни институции се запишале вкупно 59.359 студенти. Доколку го споредиме бројот со академската година 2008/09 ќе забележиме благо намалување. Имено, таа академска година се запишале вкупно 63.437 студенти. Од друга страна, бројот на дипломирани студенти во 2014 година изнесува 9.863. Во последните пет академски години, најголем број студенти дипломирале во 2012 година, точно 10.392.
Поголемиот дел од нив биле запишани на редовни студии.
Просечно, над 2.000 студенти од вкупниот број дипломци дипломирале на приватна високообразовна институција.
Од друга страна, на државните институции само изминатата година дипломирале 7.746 студенти, што претставува зголемување во однос на претходната година, но намалување во споредба со 2012 година.
На државните универзитети најголем број дипломци излегуваат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Меѓутоа, бројот на дипломирани студенти на УКИМ се намалува во последните години.
Од друга страна, универзитетот „Гоце Делчев“ забележува зголемување во бројот на дипломирани студенти од 2009 до 2014 година.
Кај приватните институции, Југоисточниот универзитет во Тетово има најголем број дипломци, по кој следува ФОН.