17.01.2019
Образование
Нема одложување на почетокот на второто полугодие
Нема одложување на почетокот на второто полугодие од учебната 2018/2019 година. Ова е еден од заклучоците кои денеска ги донесе Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, а попладнево ги соопшти д-р Жарко Караџовски, член на Комисијата.
По завршувањето на состанокот на Комисијата, тој рече дека вкупниот број заболени од морбили во Македонија од прогласувањето на епидемијата во Радишани во декември, до денеска изнесува 58.
Тој укажа дека некои родители со хартии и белешки оделе во градинките и кажувале дека имаат потреба своите деца да ги пуштат во градинка, бидејќи имале контраиндикација за вакцинација.
– Стручната Комисија одлучи стручен тим за спроведување на мерките поврзани со контраиндикација за вакцинација или за алергиските реакции по завршена вакцинација се наоѓа на Клиниката за детски болести и само тие, исклучиво тие, на барање на педијатар, матичен доктор или епидемиолог, може да одредат кое лице има контраиндикација за спроведување вакцинација - рече Караџовски.
Меѓу заклучоците на Комисијата е и оној кој се однесува на здравствените работници кои не се вакцинирани.
– Докторите и медицински сестри кои не се вакцинирани, а работат на оваа проблематика во медицинските установи вклучително клиниките за инфективни болести, за детски болести, Детската болница во Козле, задолжително да се вакцинираат против ова заболување. Стручните лица кои работат на овие клиники ќе одредат согласно вакциналниот статус на тоа лице и според потврдите кои ќе ги донесе секое од нив, ќе проверат дали некој од медицинскиот персонал е невакциниран - нагласи Караџовски.
Додаде дека од медицинските професионалци кои работат како матичен доктор или лица кои доаѓаат во контакт со прегледување на дечињата кои може да заболат, се бара да ја спроведуваат медицината базирана на докази која укажува кои лица се подлежни на вакцинација, како се спроведува вакцинацијата, кои лица имаат потреба да ја примаат оваа доза и се она што би дошло предвид, за да не се создаде антивакцинална кампања.
Извор: МИА