X
 21.09.2015 Живот

Во среда, на 23-ти септември, започнува есента!



По доста топлото и релативно сушно лето, во среда, на 23 септември, во 10 часот и 21 минута по средноевропско време, на северната хемисфера започнува есента. Тој ден воедно е познат како есенска рамноденица, односно денот и ноќта траат подеднакво (еквиноциум). Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 10 минути подолго (вистинската рамноденица со по точно 12 часа ќе биде во петокот). Во исто време кога кај нас почнува есента, на јужната хемисфера започнува пролетта, а овој ден се нарекува пролетна рамноденица.

Астрономски, во средата, Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 25 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 35 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони км (близу просечната вредност), а брзината на Земјата околу Сонцето ќе изнесува 29,8 км/сек.

Есента ќе заврши на 22 декември во 5 часот и 48 минути. Тогаш на северната полутопка почнува зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од средата, до 22 декември, ноќта постепено ќе се зголемува (секој ден по околу 2 минути) достигнувајќи 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември.

Инаку оваа лето ќе остане запаметено како едно од потоплите и доста сушни, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров. Иако максималните температури само неколку пати се искачија над 40 степени, вредностите беа постојано високи, најчесто помеѓу 30 и 40 степени. Првичните податоци покажуваат дека ова лето има меѓу највисоки температурни суми во Македонија откога се вршат мерењата. Поради силниот глобален ефект на метеоролошкиот феномен Ел Нињо, се очекува и есента, па и зимата да бидат значително потопли од просечното. Деталните регионални прогнози, укажуваат дека на Балканскиот Полуостров, се очекува потопла, но и повлажна есен, со зачестени појави на невреме и поројни врнежи.



Како и да е, следните 3 месеци може да уживаме во пријатните и нешто посвежи есенски денови.

Податоци за прогноза: www.accuweather.com, www.stirimeteo.com

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот