Околу 600 научно истражувачки труда, од 2012 година се субвенционирани со по 30.000
денари од Министерството за образование и наука. Секоја година расте бројот на професори
кои се пријавиле за парична помош, за труд кој го објавиле во списание со импакт фактор. На
последниот објавен конкурс, односно за трудови објавени во 2014 година кој траеше
заклучно со 31 јули оваа година, пристигнале 340 апликации, но конечни резултати нема
бидејќи се уште трае селекцијата.
Во 2012 година се доделени 179 субвенции, а во 2013 година 248. Од ресорното министерство
велат дека добро е што се повеќе универзитетски професори ја користат оваа помош. Во
првата година откако се воведе оваа пракса, најмногу субвеници се доделени за природно
математичките и техничките науки, а во втората сличен број е доделен во сите области, со
исклучок на хуманистичките.
Универзитетските професори велат дека добро е што постои оваа пракса, но и дека треба да
се зголеми сумата која се доделува бидејќи трошоците за да објават труд во реномирано
списание се многу поголеми.
- Парите никако не се доволни за да се покрие се што сум вложил за да објавам труд, но ете
некоја сатисфакција се за мене. Да се истражи одредена тема, проблем, па да се вложи во
експериментирање и да се плати за да се објави во списание со импакт фактор треба и по
неколку илјади евра. Затоа ни се потребни повеќе вакви субвенции, но и поголеми суми -вели
професор од Природно математичкиот факултет.
Професорка од Медицинскиот факултет од Скопје пак смета дека фондот за субвенции од
МОН не треба да се дели на повеќе апликанти, како што е случајот сега.
- Средствата да се доделат на помал број професори кои навистина може добро да ги
искористат за да направат добар истражувачки проект -вели таа.
За научни трудови објавени во 2012 година, субвенциите се доделени во 2013 година, додека
оние за трудови кои се објавени 2013 година, субвенциите се доделени во 2014 година. Сега
актуелен е конкурсот за трудови објавени во текот на оваа година, a ќе трае до 31 август 2016
година. Ќе се доделат по 30.000 денари за 300 научно истражувачки труда во повеќе области.
СТАТИСТИКА НА НАУЧНИ ТРУДОВИ