X
 16.12.2024 Наша тема

Има 9 пати помалку студенти за наставници по физика и по хемија отколку за учители, министерката Јаневска најави промена на квотите за упис на факултетите

Според податоци на Државниот завод за статистика, студенти на додипломски студии во 2023/2024 на ПМФ по наставна математика биле 60, наставна физика 13, исто толку на наставна хемија, а по биологија за наставни кадри во средно училиште 59. На Педагошкиот факултет во Скопје лани студирале 112 студенти на одделенската настава по македонски јазик, а за учители на Педагошкиот факултет во Битола 80.

- На мојата ќерка во средно училиште по физика ѝ предава професор кој дипломирал на Градежен факултет и цела табла ја пополнува пишувајќи формули како учениците да направат мост без да им падне, а тие се на уметничка насока. Училиштето го ангажирало зашто не можеле да најдат дипломиран кадар по физика, раскажува мајка на средношколка од училиште надвор од Скопје.

Татко на ученик од основно училиште, пак, раскажува дека настава по хемија во осмо одделение почнале да држат дури во средината на октомври зашто школото не можело да најде дипломиран хемичар. Во друго средно училиште од внатрешноста наставата по математика ја држи машински инженер зашто на конкурсот не се пријавил нити еден дипломиран математичар. Многубројни се примерите за дефицит на стручни наставни кадри низ македонските училишта и раководствата се на голема мака за да ги пополнат наставните предмети со соодветен кадар.



Најмногу недостигаат наставници по математика, хемија и физика

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека со години наназад земјата се соочува со недостиг на наставници по одредени предмети, а најчесто математика, хемија, физика...

- Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високообразовните установи што нудат студиски програми во овие области и затоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој, секако, кога-тогаш ќе замине во пензија и мора некој да го наследи - велат од МОН.

Според публикацијата „Запишани студенти на додипломски студии во 2023/2024“ објавена од Државниот завод за статистика, на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје лани имало вкупно 1.055 студенти на сите студиски програми. Од нив на наставна математика во четирите години само 60 студенти, на наставна физика 13, исто толку на наставна хемија, а по биологија за наставни кадри во средно училиште 59.

Ако се анализираат податоците, се забележува дека интересот за студирање на овие насоки е намален од пред четири години. На насоката наставна математика во прва година лани имало 12 студенти, а во четврта година 33. На наставна физика во прва година само еден, а во четврта 9. Слично е и на биологија за наставен кадар, во прва година 10, а во четврта 25. Само на наставна хемија интересот е константен, по три-четири студенти годишно.

Од истата публикација може да се заклучи дека за разлика од студентите на овие студиски програми, далеку поголем е бројот на оние што студираат за да бидат наставници во одделенска настава. Така, на Педагошкиот факултет во Скопје лани студирале 112 студенти на одделенската настава по македонски јазик. На Педагошкиот факултет во Битола 80. Според ова, има двојно помалку студенти по наставна математика и биологија, а дури 9 пати помалку по наставна физика и хемија во споредба со оние што студираат за наставници по одделенска настава на македонски јазик на Педагошкиот факултет во Скопје.
Доколку се земат предвид бројките на студенти за учители и од другите градови во државата, разликите ќе бидат уште поголеми.



Државата дава највисоки стипендии за студирање математика, физика и хемија

Од МОН велат дека се обидуваат да изнајдат начини да ги стимулираат студентите да се запишуваат на наставните насоки од областите на природните науки. И најавуваат дека ќе се направи измена на квотите на факултетите кои продуцираат кадар кој не соодветствува со потребите на пазарот на трудот.

- Потребно е подигнување на личната мотивација, интерес и желба. А тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите други предмети, во основното и во средното образование. Работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците за поголема креативност при предавањето на материјата што ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади - велат од МОН.

Дополнително, информираат дека доделуваат и стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високообразовна установа. Тоа се највисоките стипендии што ги доделува МОН за студирање на домашните високообразовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво.

- Да напоменеме и дека е обезбеден континуитет во растот на платите на вработените во образованието и во следните 4 години ќе изнесува најмалку 46%, а најмногу 60%. Така што, се надеваме дека постепено состојбите ќе се подобрат и ќе се обезбеди доволен број на наставници по овие предмети - велат до МОН.



Од јануари ќе се прави анализа на досегашните уписни квоти

Наспроти дефицитот на наставници по математика, физика и хемија, во образованието најголем е суфицитот на наставници по одделенска настава.

Според министерката за образование Весна Јаневска, вишокот од 300 наставници во државата постојано се зголемува зашто дел од семејствата се иселуваат, а со себе ги понесуваат и децата. Таа посочува дека никој нема да остане без работа и дека преку оптимизацијата во образованието дел од наставниците ќе ги пополнат испразнетите места во Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Бирото за развој на образованието. 
Но, најавува дека во новата година ќе има промена и на квотите за упис на високите образовни установи според потребите на пазарот на трудот.

На прашањето дали ќе има намалување на квотите за упис на педагошките факултети, министерката ни одговори: „Секако ќе се намали квотата. Квотите, за жал, биле одредувани произволно, што е жално. Веќе од јануари, зашто тоа е променлива вредност, почнува анализа на пазарот на трудот и квотите за упис на студентите во високообразовните установи, па и во средните училишта ќе бидат соодветни на пазарот на трудот“.

Фото: фејсбук-страници на ПМФ и Педагошки факултет - Скопје
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема