Студентот Иле Калиновски од Ветеринарниот факултет од Битола има излекувано штрк погоден од струен удар и ампутирано крило на див гулаб за да преживее. Ова не е изненадувачки ако се знае дека студентите од овој факултет редовно спроведуваат истражувања во научни цели, а науката и практичната работа одат рака под рака.
Шестмина студенти од Ветеринарниот факултет со научните трудови што ги изработија под менторство на професорите се вброија меѓу десетте најдобри на Меѓународната студентска конференција организирана во 2025 година од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, со интернационален предзнак благодарение на членството во Алијансата КОЛОРС.
Испитување паразити кај живината, лавот, тигарот, волкот...
Покрај Калиновски, во успешниот тим се и студентите-истражувачи Александар Наумовски, Ивона Ристевска, Александар Талевски, Марија Спасеска и Кристијан Саламовски.
Иле Калиновски, Марија Спасеска и Александар Наумовски, под менторство на проф. д-р Петар Додовски и проф. д-р Наташа Пејчиновска, го изработија трудот „Копролошки испитувања на гастроинтестиналните паразити кај животните чувани во Зоолошката градна во Битола“. Од живеалиштата на животните тие земаа измет, го анализираа во лабораторијата на Факултетот и идентификуваа кои паразити се присутни.
- Беа земени повеќе примероци од живина: кокошки, пајки, лебеди, гулаби, ној, австралиско ему и беа пронајдени повеќе паразити. Со оглед на тоа дека животните во Зоолошката градина се блиску едни до други, а и тоа што се изложени на стрес бидејќи не се во нивното природно живеалиште придонесува за развој на паразитарни инфекции. Пронајдени беа нематоди и цестоди, но и протозои кои потоа беа соодветно третирани - вели студентката Ивона Ристевска.
Примероци за испитување зедоа и од другите диви животни.
- Кај тигарот и лавот не беа најдени паразити, најверојатно зашто се константно чувани во затворен простор, без контакт со други животни. Но, ги имаше кај волците и два вида кај мајмуните - рече Калиновски.
Студентот спаси штрк погоден од струен удар
Калиновски пред две години на Меѓународната студентска конференција на УКЛО се претстави со научниот труд „Центри за спасување и рехабилитација на повредени и болни диви животни“, изработен под менторство на проф. д-р Билјана Петровска. Во него сподели искуства за лекуваниот штрк од струен удар и дивиот гулаб на кој му ампутира крило.
- Имавме ставено авторски слики на штркот погоден од струен удар кој од Гевгелија ми го донесоа екоактивисти. Го чував кај мене во помошна просторија во дворот, една недела му ставав инфузии. Беше изнемоштен, буквално не можеше да стои на нозе, дехидриран. По една недела инфузии, почнав да му давам готова храна, прво присилно му ја ставав во клунот, а потоа постепено и сам почна да ја зема. Го хранев со риба. Полека му се подобри состојбата, се навикна на присуството на луѓе. Околу три недели беше кај мене, а потоа се врати во природата - раскажува Калиновски.
Преку овој труд Ветеринарниот факултет ја покрена иницијативата за отворање Центар за рехабилитација на диви животни во Македонија, како што ги има во опкружувањето и во другите развиени земји.
Големината на мозокот влијае врз интелигенцијата на кучињата
Интерес на последната студентската конференција во 2025 година предизвика и трудот „Физиолошки детерминанти на интелигенцијата кај кучињата“ изработен од студентите Александар Талевски и Марија Спасеска, под менторство на проф. д-р Панче Дамески, декан на Факултетот. Од истражувањето се заклучи дека фактори што влијаат врз интелигенцијата се еволуцијата на кучето како пријател на човекот, големината на мозокот и коефициентот на енцефализација.
- Интелигенцијата е на повисоко ниво кај поголемите кучиња, на пример, кај доберман, германски овчар и кај оние што се користат за медицински цели, како што се лабрадорите и бигл. Тоа се, всушност, кучиња кои им помагаат на пациенти во центри за рехабилитација, на аеродромите за намалување на стресот кај патниците. Има и кучиња кои се користат за детекција на ниски нивоа на гликемија, ги нарекуваат Diabetes Alert Dogs, најчесто тоа се лабрадори и ретривери - рече Спасеска.
Студентите испитуваа и кои раси на кучиња имаат повеќе инстинктивна, адаптивна и работна интелигенција.
- Од работните кучиња, на пример, бернандинецот се користи при пронаоѓање луѓе затрупани во лавни, далматинецот за пронаоѓање луѓе при пожари, германскиот овчар како полициско куче - рече Талевски.
Испитувана разликата меѓу случајни и неслучајни повреди кај расните коњи
Меѓу наградените беше и трудот на студентот Кристијан Саламовски, под менторство на доц. д-р Наташа Петровска, „Ветеринарна форензика – форензичка патологија кај високо вредни осигурени коњи: повреди и постмортални промени во случаи на осигурителни побарувања“.
- Ги истражував типичните патолошки состојби како стрес, мускулно-скелетни промени, кардиоваскуларни нарушувања и состојби поврзани со интензивен тренинг. Во трудот ги обработив патолошките манифестации кај високо вредни спортски коњи, форензичките методи на испитување, разликата меѓу случајна траума и неслучајни повреди, како и значењето на систематска документација и земање примероци во осигурителни и правни случаи. Ваквиот пристап помага да се разликуваат случајни од намерно нанесени повреди и е важен за заштита на благосостојбата на животните - рече Саламовски.
Веднаш по објавувањето на трудот во списанието „New Horizons Journal“, добил известувања преку ResearchGate за неколку барања за пристап до целиот труд од професори и истражувачи од Холандија, Шпанија, Соединетите Американски Држави и други земји.
Веќе неколку години студентите од Ветеринарниот факултет се едни од најредовните учесници на конференцијата, а нивните трудови беа наградени и од Амбасадата на Кина.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.