X
 24.09.2015 Живот

Долгорочни временски прогнози. Каква ќе ни биде есента?



До пред десетина години беа речиси незамисливи прецизни временски прогнози за период подолг од 2-3 дена. Меѓутоа со користење на напредни технологии и глобална интеграција на податоците од метеоролошките станици, прецизноста на временските прогнози драстично се зголеми. Во тој правец, особено корисни се покажаа моќните суперкомпјутери со кои располагаат големите светски метеоролошки центри. Така, значителен напредок во временските прогнози на глобално ниво, се појави во 2010 година по инсталацијата на супермоќниот мега-компјутер Стратус (вреден 200 милиони долари; на сликата подолу) во американскиот национален метеоролошки центар (NOAA – National Oceanic and Atmospheric Administration).

Последниот ваков суперкомпјутер, моментално се поставува во Американското биро за метеорологија (чини 80 милиони долари) и е во состојба секој ден да складира, обработува и моделира околу 1 терабајт податоци од сите делови на светот. Со помош на овие моќни машини, донекаде се разбраа механизмите на разни метеоролошки феномени и условите за нивна појава, со што прогнозите станаа многу подолгорочни.

Во последно време, според прецизноста на долгорочните прогнози се истакнува американската приватна метеоролошка компанија Accuweather. Истата дава постојани онлајн метео-прогнози на интернет и е меѓу најкористените метео-сервиси во светот. Последните истражувања покажуваат дека најпрецизни прогнози на Accuweather се оние до 3 дена (точност од близу 90%), а секој следен ден, прецизноста опаѓа за околу 10%. Со ваков тренд, прогнозите подолги од 7 дена се фактички нерелевантни, односно статистички подеднакви се шансите прогнозата да се оствари или да не се оствари, посебно во региони со променливо време. Секако, во пустински и други области со еднолична клима е многу полесно долгорочно да се предвиди времето, отколку во области со чести сезонски, месечни или дневни промени. Сепак, интересно е што сезонските прогнози на Accuweather за последните 3-4 години се покажаа прилично точни.

Причината е што во сезонските прогнози не се оперира со прецизни вредности (за температура, врнежи, влажност и сл.) туку се дава само генерален тренд на очекување. Ваквите трендови пак, денес е многу полесно да се предвидат токму со помош на суперкомпјутерите кои оперираат со десетици милијарди податоци од илјадници мерни станици низ светот. Така, мошне прецизни се покажаа прогнозите за 2013, 2014, посебно за трите сезони во оваа година (зима, пролет, лето) и тоа дури и во регионален контекст (на пример само за Балканскиот Полуостров).

А што велат прогнозите на Accuweather (слични се и на останатите метео-сервиси) за оваа есен? Според нив есента во овој дел на Балаканскиот Полуостров (каде што се наоѓа и Македонија) ќе биде потопла од просечното во речиси сите 3 месеци, меѓутоа ќе е доста променлива и со чести појави на невреме. Исто така се очекуваат 10-15 појави на интензивни врнежи, посебно во месеците октомври и ноември. Во месец октомври можни се драстични промени во температурата, со големи осцилации на максималните дневни вредности: од 5-6 степени па до 30 степени Целзиусови и просекот од 18-23 степени (наведеното не се однесува за планинските подрачја).



Веќе во почетокот на октомври ќе се појават првите снежни врнежи на планините, а до крајот на месецот сосема краткотрајна снежна покривка е веројатна и во повисоките котлини. Според Accuweather, декември ќе биде прилично топол месец, со потпросечни врнежи. Релативно топлиот период би требало да продолжи до самиот крај на годината. Ваквите метеоролошки состојби ќе бидат последица на глобалниот феномен Ел Нињо односно на неговите индиректни ефекти кои се чуствуваат во Европа и на Балканот. Тие ефекти беа причина и за доста топлото лето со изразито долг период на температури повисоки од 30 степени (дури 45 дена!).

Според наведената прогноза која е во согласност со укажувањата на повеќе светски метео и климатолошки центри, постои голема веројатност на Балканскиот Полуостров и во Македонија, во текот на есенскиот и зимскиот период, па и во почетокот на следната година, да има чести временски непогоди, повремени обилни врнежи, следени со појави на поплави, силна ерозија, свлечишта и др. Затоа е неопходно навремено планирање и преземање на превентивни мерки и активности за соочување со овие ризици кои можат да предизвикаат енормни штети (како што беше во почетокот на оваа година). Во тој процес, своја улога и одговорност треба да имаат државата, регионите, но и општините, а од посебно значење ќе биде изработка на катастари на загрозени подрачја и модели на подрачја под ризик од природни непогоди и катастрофи.

Извори: www.accuweather.com; meteobalkans.free.bg; http://www.markvoganweather.com/2015/04/01/european-summer-2015-forecast/;  

Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот