X
 21.08.2015 Технологија

Конечно најдобриот бесплатен 3Д модел на теренот достапен и за Македонија

Деновиве на веб порталот EarthExplorer беше поставен останатиот дел од бесплатниот, глобален 3Д модел на височини, наречен SRTM (Shuttle Radar Topography Mission) кој покрај останатите области во ЈИ Европа, ја опфаќа и територијата на Република Македонија. Моделот е со резолуција од 30 метри, многу попрецизен од претходната 90-метарска верзија и со одличен квалитет. Всушност, истиот е моментално најпрецизен и најдобар бесплатен 3Д модел на теренот (релјефот) кој ја покрива територијата на нашата држава. Инаку, SRTM мисијата на НАСА, беше изведена уште во 2000 година, со цел тридимензионално да ја картира речиси целата земјина топка, поточно помеѓу 70 степени северна и јужна географска широчина. Иако оригиналната резолуција на снимките добиени од сензорот на овој спејс-шатл беше 30 метри, од неразбирливи причини во 2004 година, НАСА јавно ја пласира само „упростената“ верзија од 90 метри, со значително намалена точност. Сепак, дури и тоа беше огромен напредок, бидејќи ретко која држава во светот имаше можност да изработи и да даде на бесплатно користење така квалитетен модел. По цели 10 години од 90-метарското издание, конечно минатата година НАСА почна постепено да го пушта оригиналниот 30-метарски модел, а до денес покриеноста достигна речиси 60% од планетата.



Можностите и потребите за користење на штотуку поставениот 30-метарски модел се навистина неисцрпни: од фантастичен визуелен 3Д приказ на теренот, преку разни анализи на релјефот (височина, наклони, експозиции), потоа моделирање на климатските и хидрографски елементи (автоматско извлекување на речна мрежа, сливни површини, должина и интензитет на осончување, изотермни, изохиетски модели), модели на непогоди (ерозија, поплави, свлечишта, пожари) и многу други апликации. Секако, за секоја намена се користи соодветен и специјализиран ГИС софтвер, од бесплатните SAGA GIS и QGIS, до извонредниот ARCGIS.



Освен наведениот SRTM модел, за нашата држава е достапен и бесплатниот 30-метарски ASTER GDEM модел, кој е со значително послаб квалитет. Треба да се напомене дека Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на Република Македонија располага со многу поквалитетен 20-метарски модел на височини, но истиот е комерцијален – достапен за одредена цена.



Сите наведени софтверски пакети и дигитални модели се користат во наставниот процес на насоката ГИС (географски информациски системи) на Инситутот за географија. Во таа смисла, штотуку поставениот 30-метарски SRTM модел, ќе почне да се изучува и применува на истата насока (единствена во нашата држава) веќе од оваа учебна (2015/16) година, следејќи го трендот на користење на најсовремени техники и технологии.



На крајот да кажеме дека со посебна постапка на детализирање (bicubic interpolation) во софтверот Global Mapper, 30-метарскиот SRTM модел може дури уште повеќе да се подобри достигнувајќи 15-м точност. На тој начин е добиена долната 3Д сцена на градот Охрид со калето и дел од планината Галичица.



Линк до порталот со 30-м SRTM модел: earthexplorer.usgs.gov

Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo
Подготвил: Д-р. Ивица Милевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија