X
 05.10.2015 Образование

Дома одмараат и си играат, домашни пишуваат во вежбални

Неколку дечиња седнати во училишни клупи задлабочени во учебниците по македонски јазик, ја учат последната лекција. Пред нив се и тетратките во кои jа пишуваат домашната. Нема ништо невообичаено во оваа слика, но овие ученици не седат во училишни клупи, туку се во вежбална, каде се подготвуваат за следниот училишен ден. Наставничка им одговара на сите прашања кои и ги поставуваат овие љубопитни петтооделенци. Лекцијата која ја учат, ја обработувале истиот ден во училиште, но наместо да ги завршат обврските дома, сами или со родителите, тоа го прават во оваа училишна вежбална во која доаѓаат секојдневно по завршувањето на часовите. Наставниците тука ги подготвуваат за сите предмети кои следниот ден ги имаат на училиште, па децата потоа се слободни за најразлични активности.




За сопственикот на оваа вежбална кој функционира веќе 10 години, Горан Главинац, најголемата предност за децата, е тоа што стекнуваат работни навики и дисциплина.



- Учениците доаѓаат во простор каде сите учат, работат, се дружат и вниманието им е насочено во таа насока. За неколку часа ги завршуваат обврските и се подготвени за следниот училишен ден -вели Главинац.

Ова е практично училиште за дополнително образование. Главинац со вакви училишта се сретнал за првпат во Грција, а вели дека постојат во многу европски земји.

- Држиме и индивидуална настава, само за оддредени предмети, но повеќето ученици ги спремаме постојано за настава. Имаме околу триесеттина основци. Кога ќе отидат дома со родителите, може да се посветат на други активности. Многу од родителите работат до доцна, па едноставно нема кога да седнат заедно со децата да учат или да им помогнат со училишните обврски. Некои родители не сакаат децата да им седат дома сами, па сметаат дека подобро е да се во вежбална додека се вратат од работа. Ние го обезбедуваме и превозот -објаснува Главинац.

Oпуштената и пријателска атмосфера е клучна за добар образовен процес, сметат наставниците кои работат во вежбалната.
- Сите се поставуваат пријателски кон нив, идејата е да сфатат дека може да учат брзо, ефикасно и без стрес. Следиме кое дете со кои предмети има проблем, па таму ставаме акцент на подучувањето. Имаме пред с` позитивен пристап, а тоа тие го чувствуваат. Исто така лекциите ги прераскажуваат на глас, па веќе се подготвени тоа да го направат без трема пред целиот клас, следниот ден. Постои процес на објаснување, ја учат суштината на лекцијата, па пишуваат домашни -вели тој.

Од ова училиште никој не излегува со ненапишана домашна. Наставничката Јорданка Поповска вели дека голема предност за нив е што работат во помали групи, и секој добро ги запознава учениците.

- За разлика од наставата во училиштата, тука децата се порелаксирани, а ние се фокусираме на тоа да им помогнеме подобро да го совладаат материјалот -вели Поповска.

Главинац забележал дека учениците најмногу помош бараат за математика, а постарите и за физика и странските јазици. Во оваа вежбална има пет наставници кои се постојано со учениците, а повремено се ангажирааат и дополнително.


Се плаќа од 4.000 до 6.000 денари

Вакви училишни вежбални во кои децата секојдневно се подготвуваат за училишните обврски се повеќе се развива како бизнис и ги има повеќе во Скопје, но и други градови во Македонија. Цените изнесуваат од 4.000 до 6.000 денари месечно, зависно од возраста на учениците.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование