X
 07.09.2020 Наша тема

Колумна: Корона-стрип во четири слики

Се одлучив да исцртам неколку слики кои ја покажуваат „богатата трпеза“ со која нашата шестмесечна голгота се храни и која поради тоа опстојува и расте. И да, во целата приказна веќе короната и не е важна. Навистина не е. Важно е она што од неа се изроди и она што тој „пород“ го покажува, а што ќе остане и тогаш кога таа, се надевам, што поскоро, ќе си замине. Она што останува и, за жал, нè дефинира

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Многу долго размислував кој концепт и каква структура да оформам со моево писание. Како ретко кога, напишав неколку варијанти и искрено, како ги препрочитував, сфаќав дека всушност ми стојат непотребни и ниту едно нема сила да ги посочи нештата, колку и да се очигледни, мерливи и мачни - а толку многу се. Ми личи дека нема сила во нив да им даде тежина на еден издржан факт за кој навистина треба да се размисли. Нема ни потреба. Ова ми се случува од една едноставна причина: сфаќам дека нештата веќе се навистина надвор од контрола, обоени со индивидуални хоризонти брутално истопорени пред колективниот интерес, зачинети со невидена разединетост, неукост, немање сенс за болка, за внимателност, за грижа. За човечност, конечно. Можеби сите сме изморени веќе. Можеби сите мислиме дека ако нештата не ги гледаме, не постојат. Ако не ги чувствуваме, не нè болат.  Но, за жал, тука се. Толку многу се тука, а по наша вина, немаат намера да си заминат и да нè остават да живееме на мир. Сè уште не – убаво и обилно ги храниме со сопственото однесување.

Затоа, сепак ќе пишувам и ќе кажам вака: се одлучив да исцртам неколку слики кои ја покажуваат „богатата трпеза“ со која нашата шестмесечна голгота се храни и која поради тоа опстојува и расте. И да, во целата приказна веќе короната и не е важна. Навистина не е. Важно е она што од неа се изроди и она што тој „пород“ го покажува, а што ќе остане и тогаш кога таа, се надевам, што поскоро, ќе си замине. Она што останува и за жал, нè дефинира.

Како ни изгледа корона-стрипот, всушност:

Слика прва:

Средношколци на протест. Мала бројка, сепак. Носат транспаренти на кои, меѓу другото, пишува: „Дали вие нас нè зафркавате“ придружено со извици „Сакаме да учиме!“ Би рекла, по малку и тажна слика во својот обид да демонстрира гласност, репрезентативност, борба за ученички права. Убаво е тоа, да се разбереме. Секогаш сум на страната на младите, тие се силата која се вика Иднина. Знаат децата со кои работев овие 3 децении дека тие се за мене најважното и секогаш сум за нив и со нив. Но, сепак, ќе речам дека под сликата, како нејзин опис мене ми испливуваат на површина неколку прашања: Колку сериозен одговор можеме да дадеме на прашањето посветено на тоа дали ние тоа нив ги зафркаваме? Кои ние? Што значи тоа прашање? Дали децава во толку мал број се навистина гласот на младоста? Илјадници деца се ученици. Кого застапуваат децава? Кои се децава, ако се има потреба по реакцијата на нивниот протест, лидерот, кој мене лично ми остави симпатичен впечаток, но за кој сметам дека има уште многу да учи за лидерството, излегува со соопштение дека ги жали сите што ете, не го разбрале? Дали и зошто децава не сфаќаат дека учењето е прашање на желба, волја, отворен ум, мотив да осознаваат, да се градат себеси низ тоа што го учат, а не прашање на „географија“?



Зошто наеднаш испадна дека училницата, во која учат и деца со по 200 изостаноци и кои, за жал и ако сакаме да си признаеме, со време станаа многубројни, е единствениот простор каде што учењето е можно? Сакаат да учат? Зошто не учат? Имаат можност со години. Зошто борбата за знаење сиве овие години не им е поинаква? Да се борат за добар учебник. За добар наставник. Против обемните наставни програми. Против училница од која изнесуваат жалење и горчлив вкус на изгубено време. Тие се силата, ако веќе нивните наставници ја изгубиле својата и не се борат. За нив се работи. Имаат таква можност со години. Но таа борба не е интересна, се чини, оти веројатно им нема знак на равенство со желбата да учат. Но затоа сега сакаат да учат, последниве  6 месеци. Време во кое се разболува. Во кое се умира.

Слика втора:

Наставници на социјалните мрежи: Бројката не можам да ја коментирам, затоа што се позиционирани во два табори – едните за настава со физичко присуство, а другите за онлајн-настава. Убаво е тоа, да се разбереме. Секогаш сум поборник на поинакви мислења. Различните ставови водат кон подлабока анализа на проблемот и нудат пошироки можности за изнаоѓање квалитетно решение. Но, сепак, ќе речам дека под сликата како нејзин опис мене пак ми испливуваат неколку прашања: Како се случи различните ставови да изродат толкава нетрпеливост, пизма и отворени етикетирања, какви што, ми се чини, фелата сепак не памети? Веќе и не е важно какви аргументи има едната или другата страна – тие паѓаат во вода во моментот кога несогласувањето ќе стане показател за изостанување на професионален капацитет тие разлики да се стават во служба на изнаоѓање решение, најсоодветно со околностите во кои тоа ќе треба да се реализира.



Пак ќе кажам, во време кога на сите нас како наставници училницата ни недостига. Многу и безусловно. Но и во време кога заедно со нас во училницата мошне лесно може да влезе и непосакуваниот ученик, кого за жал, тешко можеме да го набркаме. Но да, веќе и не е важно кој од нас во што верува. Она што е важно е нашата трансформација заради тоа во кое веруваме, а кое стана пречка да се нарекуваме колеги кои имаат иста цел – децата. Она што на сликата ѝ дава многу грда, неизлечива нијанса.

Слика трета:


Надлежни во лавиринтот на сослушување на ставовите на сите страни, во името на демократијата и правото на личен став. Убаво е тоа, пак да се разбереме. Уште од времето на Наставничкиот пленум, кој го живеев со дел од моите колеги како дел од нас, како тело кое ќе нè врати во живот, а формиран во едно друго време кога битките за враќање на убоста на училницата беа императив и кога навистина беа битки во прашање, верувам дека образованието мора да подразбере сослушување.



Но пак ќе речам дека под сликата како нејзин опис мене ми испливуваат неколку прашања: Дали можеби сослушувањето на сите страни, мерено со анкети, разговори со децата, родителите и на крај, секако, со наставниците, како и изјави од родители и ученици, не прераснува во жежок костен кој се префрлува од рака в рака? Дали делегирањето на одлуката по хиерархиска насока од врвот надолу, под закрилата на сослушување на ставовите на сите страни, а најмалку на наставниците, сепак не покажува дека врвот е свесен колкава е одговорноста, а сака да им угоди на страните кои, сепак, секоја од свои причини, ете, не го гледаат видливото? Дали можеби не се губи од вид дека Надлежен се вика Надлежен затоа што не е тој што угодува, туку тој што носи одлуки, издржани, свесни, одговорни и, пред сè, во интерес на здравјето во вакви услови кога, за жал, тоа има најниска цена? Дали исто така не се губи од вид дека ваквата димензија „од врвот надолу во името на демократијата“ продуцира уште поголем раздор во фелата затоа што сите сме збунети, озабени и веќе не знаеме што ќе се случува, секој длабоко во својот ров како личен став? Дали во вакви услови, кога секој ден броиме троцифрени бројки и кога се апострофира дека на прагот се очекувањата за зголемување на бројките, здружени со сезонскиот грип, не е просто страшно, на пример, да се објавува дека Козле ќе биде ковид-центар само за деца? За оние ли што ќе се вратат во училницата или тоа се некои други деца? Зошто и покрај онолкавото непочитување на мерките, препораките, апелите и молбите на крај, не се сфаќа дека тие сами по себе не се доволни, затоа што тука не живеат Швеѓани, Јапонци и Германци, на кои секојдневно им се восхитуваме поради дисциплината во која живеат, оти ја разбираат и како таква ја почитуваат? Овде живеат некои поинакви луѓе. За жал.

Слика четврта:

Родители на социјалните мрежи. И нивната бројка не можам да ја коментирам, затоа што и тие се меркаат од зад личните нишани, заседнати во ровови од кои им ѕиркаат главите доволно за меѓусебно поплукување по основа на прашањето кој е поголем родител. И, секако, дел од плуканиците се и за нас, наставниците, кои ете, цело лето седат дома, примаат плата, а ништо не работат. Во ред е, прифаќаме ние. Многу време веќе го живееме тој статус и се навикнавме на него. Со сите нишани сме им само тогаш кога ќе напишеме незаслужени петки. Убаво е тоа, пак да се разбереме. И родителот има право на став, негово дете е во прашање. Ама и под оваа слика има прашања кои многу силно испливуваат на површина: Како се случи теревенките на нивните деца, кои се основниот алиби-аргумент за враќање во клупите, да се изедначат со училницата? Како еден простор во кој се оди очигледно самоволно, затоа што за родителите е нормално децата да им се надвор оти дома што ќе им прават, нели, воопшто може да се стави во релација со училницата, како посебен ментален простор, задолжителен за нивните деца?



Како воопшто има смисла прашањето „Како можат да скитаат цел ден и ноќ, без маски, а ете никој не е разболен, да одат по кафулиња, еве видете колку се полни, а не можат да одат на училиште? Нека одат, треба да одат некаде, оти вака ништо не правиме?“ ако не се соочи со прашањето „Зошто, драги родители, децата ви скитаат без маски, скокаат во турбофолк-димензија напикани еден до друг? Зошто училиштето го доживувате како прифатен центар, во кој вашите деца ќе мора да отседат, но не мора да бидат пристојни притоа? Зошто не знаете каде ви се? Зошто не седнете со нив и да им објасните во кој ризик живеат, наместо да им ја давате слободата зад која се крие вашата немоќ да ги научите дека животот се вика живот затоа што е одговорност и за нив, но и за другите околу нив?“ Како воопшто е можно да се изјави: „Нека оди, па што му даде Господ?“ Ваше дете е. Наше дете е. Го сакаме. Како е можно да се праша: „Како сите земји ги отворија училиштата, само ние тука нешто се правиме паметни?“ Не гледаме, читаме и слушаме ли дека во сите земји по некој ден се затвораат и дека само едно дете, еден наставник е доволен за целото училиште да се затвори?

Многу слики можеме да исцртаме во нашиов трагикомичен стрип. Како што стојат работите, ќе има и продолженија. Истите ликови, во исти сценарија, со исти улоги и реплики, во репризни изданија типични за сапуниците што се чинат бесконечни.
Она што сепак останува како факт кој, вака дезориентирани и со нарушени приоритети го губиме од вид, е само едната конечност – животот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема