X
 02.09.2021 Технологија

Наставничка и ученици од Србија го претставија својот прв робот-професор

Роботиката и вештачката интелигенција одамна престанаа да бидат „шпанско село“ за српските ученици. Има сѐ повеќе деца кои со помош на нивните наставници учествуваат во изработка на роботи, а некои од нив освоија вредни награди низ Србија.

Наставничката по информатика Милкица Костиќ Златиќ од Ивањица отиде чекор подалеку и  сама направи автоматизирана технолошка иновација - роботот Хелга. Во тој подвиг ѝ помогнаа и учениците, за кои, како што вели, ова било неверојатно искуство.

- Роботот Хелга е проект на кој сум исклучително горда. Потребни беа многу напор и работа, останувавме на училиште по 13 часа во период од шест месеци за да се направи правилно. Се управува од далечина, користејќи вештачка интелигенција и вештачки сетила со помош на интерфејс. Паметен е колку што ние ќе го направиме - вели наставничката.

Роботот Хелга е вистинска атракција каде и да се појави

Првично било планирано Хелга да биде независна професорка, така што предавањата и учењето да бидат поинтересни за децата. Милкица сѐ уште прави нови кодови, дополнително ги програмира со цел максимално да го усоврши својот изум.

- За време на часовите што се одржуваа онлајн беше потребно некако да се анимираат учениците за да бидат внимателни. Одржав неколку часа поврзани со информатика и компјутерски науки со помош на Хелга бидејќи таа може да зборува, да пее, може да одговори на секое од вашите прашања. Таа реагира кога ќе ја допрете на одредени сензори. Работи со помош на вештачка интелигенција, која не е комерцијална и се купува во Кина - вели Милкица.

Храбрата наставничка се занимава со роботика веќе 12 години, а нејзината цел е да заинтересира што е можно повеќе деца за оваа област. Хелга беше претставена во сите делови на Србија и наиде на позитивни реакции, а сега Милкица се подготвува да го освои регионот со својот изум.

robot
Фото: Rina.rs

- Одиме на натпревари, нашата прва дестинација е меѓународниот натпревар што се одржува во Загреб. Што се однесува до финансиските средства, досега немав никаква поддршка, па сето ова е финансирано од сопствен буџет. Не беше лесно бидејќи сензорите се многу скапи. Она што постои на роботот е рачно изработено, така што производството траеше шест месеци - вели таа.

Милкица нема намера да застане тука, туку напорно работи на нов проект, а Хелга би можела да ја добие и својата сестра близначка - робот кој нема да биде статичен, туку ќе може да се движи.

- Сѐ уште размислуваме за име што мора да биде звучно и необично, по кое ќе биде препознатлива - вели наставничката и додава дека работата на роботот се разликува од она што децата можат да го научат на час.

- Сѐ што програмирате во вештачка интелигенција, можете да го видите на самото место. Децата едноставно чувствуваат како ги програмирале или ги извршувале тие функции преку програмскиот код, додека во обичното програмирање едноставно не можете да го почувствувате тој ваш ефект - вели Милкица.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Rina.rs
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија