Ако ме прашате дали е нормално да имаме толку многу одлични ученици, со сите петки, секако дека ќе кажам не. Има ученици кои знаат и се трудат многу, но во нашето образование како да стана општа пракса ако ученик има пет петки, сите да му се стават петки на крајот на годината - вели професорката Гордана Наумовска.
Петки по математика, мајчин јазик, физика, ликовно и музичко...Голем е бројот на учениците од основното образование кои успехот го завршуваат супер одлични, без ниту една четворка.
Од вкупно 185.119 ученици од редовните основни училишта во земјава, лани со одличен успех поминале дури 56.298 или 30.4 проценти. Речиси 29 илјади основци, или 15 отсто, истата учебна година го завршиле со многу добар успех. Описно биле оценети 63.859 ученици. Во 2011/12 учебна година, пак речиси 35 проценти од учениците завршиле со одличен успех, а слични бројки практично се вртат во последната деценија. Дека во македонското образование петки се редат како бисери не е ништо ново. Најголем дел од учениците преминуваат во средно училиште со сите петки, од ликовно и физичко до математика и мајчин јазик. Но, како е можно во земја во која според Светска банка, 70 отсто од 15 годишниците се функционално неписмени, да има толку одлични ученици? Дали е реално на еден ученик, подеднакво да му одат сите предмети од физичко и ликовно до математика? Логично прашање е и зошто тогаш сме земја со најслаби резултати на сите меѓународни тестирања како ПИСА и ТИМСС, каде се тестира т.н употребливо знаење на учениците и логично размислување?
Токму големиот број на петки и наводното попуштање за подобри оценки беше главниот адут на надлежните за воведувањето на екстерното тестирање. Во предлог Законите е констатирано дека во училиштата изминатата деценија не се почитувале стандардите за објективно оценување на постигањата на учениците.
„Статистичките показатели покажуваат дека околу 80 отсто од учениците во основните училишта се со одличен и многу добар успех, а 70 отсто во средните. Заложбите за повисоки оценки станаа единствена цел на учениците и родителите, без да се води сметка за постигнување на трајни и квалитетни знаења и вештини. Оваа практика делуваше демотивирачки и за наставниците, кај кои опадна интересот за квалитна настава, се зголемија притисоците за пишување нереални оценки“ -пишуваше во образложението за воведување на промените кои водеа кон воведување на екстерно тестирање.
Но, и покрај воведување на ова тестирање се чини дека нема големи промени во однос на бројката на ученици кои учебната година ја завршуваат со одличен и многу добар успех. Зошто е тоа така, анализа и одговор треба да дадат надлежните.
- Нема никаков ефект затоа што учениците ги знаат однапред прашањата, се подготвуваат и добиваат добри оценки. Како ќе помогне ова во објективно оценување, напротив нè тера сите да ставаме поголеми оценки за да ни се совпаднат со тие од екстерниот тест. Нема никаква логика во тоа дека екстерното е воведено заради пообјективно оценување или намалување на бројот на петките. Да беше поинаку поставено, можеби ќе имаше такво влијание - вели наставничка од скопско основно училиште.
Професорката Гордана Наумовска која предава во средно училиште, за многуте петки во нашето образование вели:
- Ако ме прашате дали е нормално да имаме толку многу одлични ученици, со сите петки, секако дека ќе кажам не. Има ученици кои знаат и се трудат многу, но во нашето образование како да стана општа пракса ако ученик има пет петки, сите да му се стават петки на крајот на годината. Притисоци секако има, како од родители, така и од колеги, роднини и слично. Од наставникот зависи дали ќе попушти или не - вели таа.