Во српските основни и училишта за средно образование, цели 95 отсто од учениците учат англиски јазик. Учењето германски јазик е во пораст посебно во медицинските училишта, а останатите јазици се потполно потиснати, пренесува српска „Политика".
Речиси идентична е ситуацијата и во Македонија. Кај нас, наставниците и професорите по германски, француски, италијански јазик немаат полн фонд на часови, поради што се принудени да предаваат други изборни предмети за да можат да земаат плата. Ваквиот тренд со текот на годините може сосема да ги згасне останатите јазици во училиштата.
Предаваат и друго за да можат да земат плата
Долгогодишна професорка по француски јазик во скопско основно училиште, за „Факултети.мк" вели дека ситуацијата е тешка за другите јазици бидејќи секаде како прв странски јазик е понуден англискиот јазик.
- Дали во пет отсто од училиштата во Македонија е понуден друг странски јазик како прв. Како втор се нуди француски, германски, руски и италијански јазик. Германскиот и францускиот се ривали, се борат кој ќе преовладува, но во последниве години германскиот повеќе се наметнува. Тоа е така бидејќи некако е побаран. Ние професорите по француски јазик се бориме да не згасне изучувањето на јазикот, но сметам дека и Французите како да немаат слух, не вложуваат доволно во зачувување на јазикот. Засега не сме загрозени од аспект на технолошки вишоци. Треба исто како и англискиот јазик, француски да се учи од прво одделение, во тој случај не би кубуреле со часови како што е сега, кога децата учат француски од шесто. За да можеме да земеме плата, принудени сме да предаваме и други изборни предмети, како на пример, Класична култура на европска цивилизација - вели професорката.
Англиски кај нас се учи уште во градинка
Родителите на децата што посетуваат градинка во Македонија, можат да изберат нивните деца да учат англиски јазик. Програмата во овој претшколски период е едноставна, се учат поими и песнички. Родителите што избрале англиски за нивните деца велат дека сакаат на тој начин да ги подготват за во училиште.
- Децата од многу мали учат англиски уште дома, гледајќи цртани филмови, телевизија, играјќи на лаптоп, таблет-компјутери. Сакав и во градинка да го запишам на англиски за да усвојува знаења заедно со другите деца, кои исто така одат на тие часови. Плаќаме 400 денари за месец - вели родител.
Нема кој не полага англиски на државна матура
Дека англискиот јазик во државава е далеку пред другите јазици, лесно може да се види и според бројот на пријавени кандидати за полагање јазици како дел од државната матура. Така, годинава од околу 17.000 кандидати, за полагање англиски се пријавиле дури 16.336 ученици, што покажува дека само два отсто не избрале да полагаат англиски. За споредба, само 134 кандидати избрале да полагаат француски јазик, 178 - германски, а за руски јазик се пријавиле само 47 кандидати.
Она што е впечатливо е што традиционално, матурантите секоја година покажуваат подобри резултати по англиски јазик одошто по мајчин јазик. Образложението на надлежните за ваквата ситуација е дека критериумите за полагање конкретно македонски јазик се построги во споредба со оние за англиски јазик, односно поинаков е прагот на положеност.
Во Србија речиси и не се учи втор странски јазик
Втор странски јазик во Србија скоро и не се учи или пак, фондот на часови е недоволен. На факултетите настава не е прилагодена на струката и главно во понудата е англискиот јазик. Последица на ваквата стиуација е што англиски предаваат и оние кои не се за тоа стручни, додека наставниците по останатие јазици остануваат работа, а децата го завршуваат школувањето со знаење на само еден јазик.
Ова се само некои од проблемите на кои укажува српска „Политика".
- Она што е позитивно е што во основните училишта се учат два странски јазици, а во средните училишта децата имаат на располагање шест јазици, и тука сме во предност во однос на земјите во регионот, дури и на развиените земји како Англија или франција - вели проф. д-р Јулијана Вучо од српскиот Филолошки факултет за „Политика".