X
 19.10.2015 Култура

Фото: Отворен Центарот за современа уметност - "Арт Скопје"

Во зградата на бизнис центарот „Орка Холдинг“ се отвори Центарот за современа уметност - „Арт Скопје“. По повод отворањето беше претставена изложбата насловена како Долгиот Пат на Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски и истата ќе трае до 28 февруари следната година.



Изложбата се реализира во рамките на непрофитната програма „Арт Скопје“, чиј носител е Фондацијата „Илија Камчев“, која последните пет години дава поддршка на проекти во различни сегменти во општеството, интересни за пошироката јавност.

Изложбата беше отворена со обраќањето на претседателката на Центарот за современа уметност „Арт Скопје“, Христина Деспотовска која посака топло добредојде на овој значаен настан, промоција на една нова платформа за поддршка на младите генерации на уметници во Република Македонија. „Се вели дека уметноста ја култивира, цивилизира и морализира личноста - дека таа е алка која ги соединува разликите и различностите и не води кон заеднички идеал, визија и вредности“, истакна Деспотовска во своето обраќање. Таа ја истакна заложбата од воспоставување на одржлива културна сцена во земјата и промоција надвор од нејзините граници, преку што уметниците би добиле можност да ги презентираат своите дела во еден современ простор овозможен од проектот „Арт Скопје“.



На отворањето свое обраќање имаше и Јордан Камчев, претседател на Фондацијата „Илија Камчев“ кој истакна, дека преку овој проект стремежите би се насочиле кон помагање на креаторите на уметноста во нашата заедница - младиот културен импулс, во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, со цел еден позитивен исчекор на уметничкиот и културен развој во Република Македонија.



„Воспоставувајќи одржлива културна сцена во земјата и промоција на истата надвор од нејзините граници, Фондацијата „Илија Камчев“, како поддржувач на широк спектар на општествени иницијативи, ја воведува платформата за мултидисциплинарна презентација на уметностите - Арт Скопје“, истакна Камчев.



Изложбата беше заокружена со обраќање на професорот Игор Јовановски кој ги претстави уметниците Пандора Саздовска Апостолоска и Сашо Саздовски и даде своја критика за изложбената тематика.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура