X
 27.10.2015 Образование

Студентите не го учат македонскиот јазик

Драстично опаѓа бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик и книжевноста на филолошките факултети на македонските универзитети, а како причини се наведуваат недоволната мотивација на младите за изучување на истиот, ниските плати на наставниците, лекторите, распределеноста на повеќе факултети, но и намалувањето на бројот на студенти. Но, факт е дека секаде постои слаб интерес за упис, а квотите се далеку од пополнети. Се чини дека проблем нема со странските јазици како англискиот, германскиот, но и турскиот и албанскиот.



На некои од факултетите дури и за пет пати е поголем бројот на студенти кои учат англиски јазик, за разлика од македонскиот. Таква е состојбата на Филолошкиот факултет при Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ (УГД). На Катедрата по македонски јазик и книжевност се примени 12 кандидати, а по англиски јазик 50 нови студенти. Ако се погледнат и ранг листите кои Филолошкиот факултет ги објави на веб страницата, може да се забележи помал број на примени кандидати на катедрите за македонски јазик. На пример, на Катедрите по македонска книжевност и јужнословенски книжевности во државна квота се запишале 22 студенти и еден вонреден кандидат. На насоката за македонски јазик, пак во државна квота се запишале 28, а на насоката општа и компаративна книжевност само шест кандидати. На овие Катедри воопшто нема запишано студенти во приватните квоти, а за англискиот јазик се полни. За преведување и толкување- англиски јазик во државна квота се запишале 30 студенти, а исто толку се примени и во приватната квота, што е речиси дупло повеќе за разлика од македонскиот јазик.

Универзитетскиот професор Људмил Спасов, вели дека за ваквата состојба има повеќе причини. И тој забележал дека студентите повеќе сакаат да студираат англиски јазик.

- На намалениот број на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик, секако дека влијае и тоа што студентите се распределени на повеќе факултети. Јазици се студират и на Штипски, Битолски и Тетовски универзитет. Намалениот број на студенти укажува и на тоа дека младите потешко наоѓаат работа со овие професии, а демотивирани се и поради ниските плати на наставниците, предавачите, професорите. Но исто така треба да се истакне дека и општо се намалува бројот на студенти бидејќи има повеќе универзитети, па се распределуваат низ цела земја. Но, голем дел се одлучуваат да ја напуштат државата. Има намален број на ученици во средните и основните училишта и тоа секако ќе се рефлектира и на високото образование. Кај нас годинава се запишаа студенти во рамки на очекуваното – вели Спасов.

Професорот Спасов укажува и на проблеми со квотите за упис, како и на тоа дека мора да се поработи на модерницирање на наставните програми.

- Што се однесува до споредбата со англиски јазик, квотата за упис е преголема и наскоро ќе има презаситеност на пазарот на трудот. Потребна ни е и модернизација на студиите. Не само за оние по македонски, туку за сите јазици. Треба да вметнеме нови програми кои ќе овозможат поширок аспект на вработувањето. Да можат студентите да работат и повеќе професии, а не само наставничката, на пример пи-ар, односи со јавност – вели Спасов.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование