Она што ја одбележа минатата недела секако дека се ректорските избори на УКИМ. Факултети.мк успеа да ги собере на едно место сите кандидати за ректор на
онлајн-дебата која ја водеше новинарката Катерина Топалова. Имавме успешна дебата која траеше повеќе од три часа, а на која сите кандидати ги презентираа своите идеи за подобар универзитет. Ова се главните теми на кои се фокусиравме минатата недела...
На дебатата ѝ претходеа интервјуа со седумте кандидати што ги објавивме на нашиот медиум. Професорите Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски, Петар Атанасов, Јане Ацевски и Коле Василевски одговараа на исти прашања.
Работната недела ја започнавме со разговорот со Македонката Ана Стојанов, која од неодамна е доктор по психолошки науки на Универзитетот „Отего“ во Нов Зеланд. Врската помеѓу недостигот на контрола и верувањата во заговори беше нејзината докторска дисертација, која овој универзитет ја смести на исклучителна листа во која влегуваат само 10 отсто од одбранетите докторски.
Ана Стојанов
Ковид-19 има невидено влијание врз нашите животи. Не е чудно што се обидуваме да најдеме смисла во оваа нова реалност. Психолошката литература посочува дека во многу стресни и непознати ситуации луѓето се мотивирани да го вратат чувството за контрола врз светот со наоѓање шаблони во настаните. Теориите на заговор понекогаш звучат веројатни затоа што нудат објаснување за ситуации кои не може да се објаснат – ни објасни Стојанов која споредувала колку Македонците се склони кон теории на заговор во однос на Новозеланѓаните.
Неколку колумни објавени на Факултети.мк, а посветени на македонскиот јазик предизвика реакции кај
Бугарската академија на науките (БАН). Таа испратила протестно писмо до претседателите на националните комисии на ОЛА и до претседателката на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) поради ставовите за вековниот континуитет на македонскиот јазик на академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и македонистот и лингвист проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на Академијата, објавени во повеќе интервјуа и колумни на Факултети.мк.
Преку дописот БАН бара поддршка за своите ставови со образложение дека во зборовите на Коцарев и Марковиќ има „невистини, тврдења и оцени кои ги засегаат престижот, достоинството и научната објективност како на бугарската национална комисија така и на Меѓународната комисија на ОЛА“ .
Но, светските слависти застанаа во
одбрана на македонскиот јазик.
Никакви политички разлики не можат и не смеат да влијаат врз активностите на меѓународниот колектив кој плодотворно работи врз Општословенскиот лингвистички атлас повеќе од 60 години, пишува во писмото на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), кое е испратено до Бугарската академија на науките и до националните комитети на ОЛА во 12 земји.
Писмото го потпиша проф. д-р Татјана И. Вендина, претседател на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас при Меѓународниот комитет на славистите.
Академик Коцарев
Вековноста на македонскиот јазик е реалност, науката не смее да биде во служба на политиката, изјавија академик Коцарев и проф. Марковиќ, по повод овие случувања.
При прогласувањето на македонскиот јазик за „вештачки“, Бугарската академија на науките се потпира на две бесмислени тврдења: политичкиот карактер на македонскиот јазик и сличноста со бугарскиот јазик, вели академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
Колку видови печурки има во Македонија, колку од нив може да се јадат, кои се отровни, како да се препознаат нивните карактеристики? На оваа тема разговараме со д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На Институтот работи и специјализираната Миколошката лабораторија, предводена од проф. д-р Митко Караделев, која се занимава со проучувањето на габите и тоа пред сè нивното видово разнообразие и распространетост кај нас, а во соработка со одредени лаборатории се прават и други анализи.
д-р Катерина Русевска
Во рубриката „По скалилата на успехот“ ја имавме Анита Никова Бундовски, извршен директор во МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ).
- Практикантството е неопходно. Барајте си ментор, слушајте ги поискусните колеги, впивајте сѐ како сунѓер. Бидете чесни и фер играчи во тимовите и со колегите, имајте јасна цел и амбиција. Читајте многу книги, спортувајте, најдете ја среќата во малите нешта кои не се купуваат со пари – ни откри таа.
Родена е во Скопје, во семејство каде што двајцата родители силно биле навлезени во техничките науки, многу посветени на своите кариери и често отсутни од дома. Татко ѝ, машински инженер, а мајка ѝ, архитект, имале заедничка желба – нивната ќерка да не заврши на технички науки, туку да оди на некој од општествените факултети.
- Татко ми беше човек визионер, секогаш пред времето, прав лидер кој точно знаеше 10 години однапред како да ги испланира работите. Под негово водство и визија завршив во гимназијата „Нова“. Таму стекнав вештини што треба да ги поседува секој млад човек кога ќе заврши средно - познавање на странски јазици, јавно говорење, описно пишување и генерално насочување за академскиот живот што следува - објаснува Никова Бундовски.