X
 19.03.2020 Образование

Универзитетот „Гоце Делчев“ почна со онлајн-предавања

Поради настанатата ситуација со вирусот Ковид-19, Универзитетот „Гоце Делчев“ од вчера почна процес на интерактивни предавања преку интернет за своите студенти. Прв почна Факултетот за информатика, но во периодот што следува ќе се вклучуваат сите факултети каде што тоа е изводливо. УГД долго време користи електронски платформи за комуникација и работа со студентите, па така ова не претставувало особен проблем.

Приспособувањето не беше проблем затоа што Универзитетот и досега користи многу е-платформи во наставата, како е-индекс, е-библиотека, е-учење и други.

Наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење и Microsoft Teams. Сите потребни материјали се поставени на платформата е-учење, а за директна комуникација со студентите се користи Microsoft Teams.

- Со ова на студентите им овозможуваме да се продолжи образовниот процес и во една ваква вонредна ситуација. Студентите добро го прифатија новиот начин на работа и се надеваме дека ситуацијата многу бргу ќе се врати во нормала и ќе можеме да продолжиме со наставата во предавалните - изјави проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.

Пример за предавање на Факултетот за информатика на УГД

УГД ја користи платформата на „Мајкрософт“ и нема потреба од никакви дополнителни ресурси. Сѐ што треба е студентите да имаат интернет-врска и каков било уред поврзан на интернет (телефон, таблет, лаптоп или десктоп-компјутер). Студентите за предавањето добиваат покани на нивната студентска пошта и линк на кој може да се поврзат. Настанот автоматски им се додава во календарот. Неколку минути пред почетокот им стигнува известување и ги потсетува за предавањето и потоа се вклучуваат сите. Процесот е многу едноставен, па се очекува до идната недела најголем дел од професорите да се вклучат во овој процес - велат од Факултетот за информатика на УГД.

Алатката на „Мајкрософт“ е бесплатна, а од Факултетот за информатика потенцираат дека можат да ја користат и други образовни институции и да го приспособат наставниот процес многу бргу. Вчера првото предавање со 40 студенти поминало во најдобар ред, презентациите и комуникацијата течеле без проблем, што значи студентите во оваа новонастаната ситуација нема да загубат голем дел од своите предавања.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование