Македонската поетска сцена летово ќе се збогати со нов фестивал. Станува збор за Скопскиот поетски фестивал (СПФ), кој од 1 до 3 септември првпат ќе се одржи во Младинскиот културен центар.
Фестивалот ќе биде од интернационален карактер, а целите на СПФ се со текот на времето да прерасне во значаен поетски фестивал во регионот и пошироко. Организаторите најавуваат дека со фестивалот, преку поезијата ќе се поврзaт поетите, музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите итн.
- Скопје заслужува да го ставиме на мапата на градови што имаат свој поетски фестивал. Градот несомнено има потреба од ваков настан. Луѓето се гладни за поезија, за позитивна енергија, за квалитетни културни содржини. Скопски поетски фестивал има потенцијал да прерасне во убава скопска урбана приказна во која сите ќе уживаме - вели Снежана Стојчевска, еден од организаторите.
Фестивалот ќе го организираат група ентузијасти, веќе потврдени поетски имиња во земјава и во странство, а дел од нив и со големо искуство во организирање културни настани во Скопје и внатрешноста: Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Јованчо Димоски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска.
- Скопски поетски фестивал нема да биде фестивал ексклузивно само за поетите и за љубителите на поезијата, туку ќе ги обединува сите уметности. Поезијата ќе биде јадрото околу кое сѐ ќе се врти и сврзното ткиво што ќе ги поврзува различните уметности во мултимедијални настани и содржини, кои ќе бидат атрактивни и за помладата публика што сакаме да ја заинтересираме - додава Стојчевска.
фото: Скопски поетски фестивал