Доколку би бил жив, Карл Сејган би наполнил 81 година вчера. Астрономот, космолог, астрофизичар, астробиолог и автор. Неговата улога во ширењето на свеста за значењето на науката е огромна. Неговиот интерес за ѕвездите бил присутен во текот на целиот негов живот.
Тој се интересирал за ѕвездите уште кога имал 5 години, кога побарал книги на темата во библиотека. За овој момент, тој подоцна кажал дека „целиот универзум одеднаш се отворил пред него. Тоа беше налик на религиозно искуство. Имаше нешто неверојатно во тоа, нешто што никогаш не ме напушти“.
Неговата докторска теза, на која работел во 1960-та година била насловена „Физички студии на планетите“ и во неа Сејган се занимавал со атмосферата на Венера. Неговото истражување покажало дека екстремно високите температури на површината на планетата биле предизвикани од ефектот „стаклена градина“ предизвикан од високата концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата. Она што ѝ се случувало на Венера, Сејган го гледал како предупредување за човештвото.
Сејган се вработил како професор на универзитетот „Корнел“, кадешто предавал до својата смрт во 1996 година. Карлс Сејган барал легализација на марихуаната. Во 1969 година, користејќи псевдоним напишал есеј за „Тајм“ за личните бенефиции од користењето канабис.
По него е именуван и астероид. 2709 Сејган е мал астероид помеѓу Марс и Јупитер. Сет Мекфарлан донирал непозната сума пари за да зачува илјада кутии материјали кои ги поседувал Карл Сејган по неговата смрт.
Сејган влијаел и на денешните научници, а особено многу на познатите Бил Нај и Нил Деграс Тајсон. Нај е извршен директор на Планетарното општество, основано од самиот Сејган. Тајсон го запознал Сејган како средношколец, кога починатиот научник му го понудил својот дом како престој во случај автобусот на Тајсон да не пристигне поради големото невреме.