X
 18.11.2015 Технологија

Апликација за распоред на предавања победник на студентскиот Хакатон

Апликација преку која студентите ќе можат да се информираат за распоредот на својот факултет победи на првиот студентски Хакатон. Овој маратон по компјутерско програмирање беше во организација на студентите од Факултетот за информатика, а учество зедоа околу 30-тина студенти од штипскиот факултет но и од факултетот ФИНКИ во Скопје.



Настанот се одржа викендов во просториите на факултетот во Штип, а студентите имаа можност да програмираат апликации за различни платформи на тема „Студентски живот“. По презентацијата на апликациите првото место им припадна на студентите Ненад Ефремов и Дарко Ефремов од Факултетот за информатика во Штип. Тие изработија апликација која ќе им го олесни студентскиот живот на студентите преку информирање за распоредот или потсетување каде и кога имаат предавање.

Жири-комисијата, која беше составена од професори и асистенти на Факултетот за информатика, оцени дека оваа апликација треба да го земе првото место. Откако ќе се финализира апликацијата ќе биде достапна за студентите.

Студентскиот Хакатон се организира првпат во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, а годинава се организираше со поддршка на Студентскиот парламент, Факултетот за информатика и Центарот за односи со јавноста при УГД. Студентите кои го организираа настанот се надеваат дека ќе прерасне во традиција во рамките на Факултетот за информатика на УГД.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија