Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип од оваа студентска година се збогатува со уште една катедра. Станува збор за Катедрата за современ танц, што ќе ја раководи вонредниот професор Рисима Рисимкин. Катедрата ќе функционира во рамките на Филмската академија при УГД и ќе овозможи образовна програма на европско ниво.
„Студиите по современ танц се програма дизајнирана како тригодишен циклус, во која преку интензивна практична и теоретска настава, студентите ќе добијат комплетно академско образование во областа. Покрај домашниот стручен кадар, програмата ќе ја одржуваат врвни педагози од странство, а студентите ќе имаат можност за практична работа со нови танцови продукции“ – вели Рисимкин.
Отворањето на Катедрата за современ танц има за цел да создава танчери во првиот циклус на студии, со што се укажува можност за запишување на поголем број на студенти кои ќе студираат во државна квота.
„Како дел од УГД ме радува фактот дека се шириме со квалитетни, иновативни и современи програми. Знам дека студентите од џез-одделот ќе соработуваат со нивните колеги од танцовата катедра бидејќи џезот и онака настанал како танцова музика. Уписите се во тек и очекуваме одѕив кај сите заинтересирани за современ танц“, вели Тони Китановски, Декан на Музичката академија при УГД.
Уписот на идните студенти на Катедрата за современ танц е во тек и конкурсот е отворен до 14 септември. Критериумите за упис во наведената студиска програма се: завршено средно образование, проверка на физичките способности на кандидатот, изведба на кратка кореографија по сопствен избор и кратко интервју.
Според програмата, катедрата ќе остварува соработка со партнерски образовни институции од Холандија и Швајцарија и универзитети за танц од Европа и Кина. Со тоа се отвора моженоста за студентска размена и привлекување на странски студенти, што во иднина ќе овозможи Македонија да стане еден од водечките центри во областа на едукација за соврмен танц.
Инаку „Интерарт културниот центар“ во 2008 година потпиша договор за соработка со Ротердамската академија за танц, при Универзитетот КОДАРТС во Холандија, а започна да функционира во 2010 година како „Скопје танцова академија“ при Универзитетот ЕСРА. Оваа танцова академија финансиски беше поддржана од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и работеше како единствена академија за современ танц со програма за создавање современи танчери во првиот циклус на студии.
„Холандија ги поддржа корените за формирање на едукативната програма за современ танц. Мило ми е што оваа поддршка создаде прекрасен плод на македонско-холандската културна соработка. Многу сум задоволен, што можам да видам дека денес, оваа програма застанува на свои нозе, како дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и верувам дека ќе го задржи врвниот квалитет и ќе претставува уживање за идните студенти“ – изјави амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Н.Е. Волтер Пломп.
Со новото поглавје за современато танцово образование во Македонија се отвараат нови можности за развој на современата танцова сцена воопшто.
Веќе во април следната година, во рамките на УГД од Штип и во соработка со фестивалот „Танц Фест“, ќе се одржи фестивалот „Share“, во кој ќе учествуваат европски академии и универзитети за танц од Австрија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија, Унгарија и Македонија. Во рамките на програмата ќе присуствуваат преку 100 студенти и професори од посочените универзитети, кои ќе ги разменат досегашните искуства и ќе имаат можност за идни соработки, на ниво на копродукции, студиски престои и научно-истражувачка работа.