Од делата на великанот Петре М. Андреевски критиката и науката најмногу ги истражувале романот „Пиреј“, а најмалку, или воопшто не е пишувано за постхумно објавениот роман „Бежанци“. Ова е еден од заклучоците на Данче Стефановска-Костaдиновска, магистер по филолошки науки, која неодамна онлајн го одбрани својот труд на студиите по Филолошки науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Тоа беше првата магистерска тема одбранета онлајн на Катедрата за филолошки науки.
Данче Стефановска-Костадиновска
- Искрено, атмосферата во живо ќе беше многу посвечена и поубава, но такви се моменталните услови за полагање, дипломирање, па и магистрирање. Малку ми беше страв да не настанат некои технички проблеми, но за среќа се сè одвиваше во најдобар ред.
Темата на филологот Стефановска-Костадиновска е „Нараторите и наратерите во романите на Петре М. Андреевски“, а нејзин ментор беше проф. д-р Ранко Младеноски.
Петре М. Андреевски е еден од најзначајните современи македонски писатели. Тој е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, а пред сè е афирматор на македонската литература со која истовремено на најдобар можен начин ги промовира и богатите изразни потенцијали на македонскиот јазик. Со својот специфичен стил и со испреплетените дејства во неговите романи е привлечен автор кој не ви дозволува да ја оставите неговата книга додека не ја прочитате цела, вели нашата соговорничка.
Наратологијата како област ја заинтересирала уште од истражувањето на нејзиниот дипломски труд.
- Сепак, најмногу ме поттикнаа тврдењата за романот „Пиреј“ каде што често при анализите читав дека Јон и Велика ги третираат како наратори (а тие се фокализатори), па така продолжи и моето истражување за останатите романи. Наратор е оној што раскажува во делото, а наратер е оној што го слуша неговото раскажување. Нараторот е субјектот на дискурсот, оној што кажува, односно оној што раскажува за дејството, за настаните во едно книжевно дело. Наратерот, всушност, е оној кому му се обраќа нараторот и тој во лингвистичката комуникација одговара на „ти“. Како на пример во романот „Пиреј“ - Дуко Вендија му раскажува на Роден Мегленоски за неговите родители. Фокализацијата, пак, ја претставува гледната точка на нарацијата, што значи дека е тесно поврзана со нараторот и неговите погледи, но тоа не значи дека нараторот мора да ги искажува само своите погледи, односно потребно е да се изврши дистинкција помеѓу наратор и фокализатор – објаснува Стефановска-Костадиновска.
На пример, во „Пиреј“ наратор или раскажувач е Дуко Вендија, но фокализатор е Велика /Јон, затоа што раскажувањето се врши од нивна гледна точка. Односно, тие раскажуваат преку устата на Дуко. Има повеќе вида фокализации.
Стефановска-Костадиновска (горе десно) заедно со професорите Ранко Младеноски, Луси Караниколова-Чочоровска и Виолета Димова
Од нејзиниот увид во критиката за романите на Андреевски не може да се каже дека неговите романи се заборавени од критичарите и дека не им е посветено внимание.
- Сепак, може да се заклучи дека не им е посветено доволно внимание од аспект на проблематиката во однос на нараторите и наратерите во романите на Андреевски. Целта на книжевната критика е вреднување и толкување на книжевното дело. Прозното творештво Андреевски го започнува со раскази. Тој уште со првата збирка раскази добива високо признание од критичарите на македонската книжевност во тој период - вели Стефановска-Костадиновска.
За книжевната критика најинспиративен бил првиот објавен роман на Андреевски - „Пиреј“, додека пак, за романот „Бежанци“ немаме објавено ниту еден посебен труд, освен што се споменува во предговорот, напишан од Венко Андоновски, кон шесттомното издание на Петре М. Андреевски издадено во 2002 година од „Табернакул“.
- Во рамките на статистичките податоци спаѓаат објавени магистерски трудови, трудови публикувани во годишни зборници и во весници и списанија (со литературен и културен карактер), како и трудови презентирани на научни семинари, конференции, конгреси и слични научни собири, а подоцна објавени во зборници од тие научни собири - вели Стефановска-Костадиновска.
Таа заклучува дека во своите романи Петре М. Андреевски ги употребил сите видови раскажување (прво лице, второ лице и во двете форми и трето лице), како и речиси сите видови наратори. Андреевски не знае само за едноставен сезнаечки наратор.
- Ако бараме сличности помеѓу нараторите, можеме да кажеме дека романите „Небеска Тимјановна“ и „Тунел“ имаат најсличен наратор (и во дел од романот „Бежанци“) затоа што и во двата (трите) романи имаме женски наратор, т.е. нараторка која зборува за сопствениот живот. Инаку, сите наратори и наратери се единствени и посебни – споделува Стефановска-Костадиновска и вели дека „Тунел“ ѝ е омилен роман.
Таа им е благодарна на сите нејзини професори од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет, на проф. д-р Виолета Димова и проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска, кои беа во комисијата на нејзината одбрана, а најмногу на својот ментор, проф. д-р Ранко Младеноски, за кого вели дека беспоштедно се залагал и ја насочувал.
-Во оваа прилика прво сакам да им се заблагодарам на сите мои професори од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет. На проф. д-р Виолета Димова и проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска кои беа во комисијата на мојата одбрана, а најмногу на мојот ментор проф. д-р Ранко Младеноски, кој за цело време беспоштедно се залагаше и ме насочуваше – вели Стефановска Костадиновска.