X
 15.12.2015 Наука

И Титан има свое Охридско Езеро, ама знаете ли какво?

Во 2010 година, на предлог на македонскиот „Планетариум“, Меѓународната астрономска унија и НАСА решија едно од езерата на Сатурновиот сателит Титан да биде именувано како Охридско Езеро. Титан е еден од најголемите сателити (месечини) во Сончевиот систем, со пречник од 5150 km. Од 2005 година до денес, на неговата површина се утврдени 33 езера и 3 мориња, кои носат имиња на слични објекти на Земјата.



Сепак, Титановото Охридско Езеро е сосема различно од „овдешното“ по многу нешта. Пред се, тоа е речиси двојно помало од „нашето“: должината му изнесува 17,3 km, широчината 9,2 km, додека површината 136 km2. Должината на „брегот“ на ова езеро е 50,5 km. Според некои индикации, длабочината на Титановото Охридско Езеро веројатно е помеѓу 3 и 10 метри. Самото езеро има елипсеста форма, со тоа што во источниот дел, кон југ продолжува „залив“ долг 5 km и широк 3,5 km. Што се однесува до положбата, истото се наоѓа на северната полутопка, блиску до северниот пол, односно на 78° северна титанска широчина. Следна, уште позначајна разлика е што Титановото Охридско Езеро нема вода, туку се состои од течни гасови (јаглеводороди), во вид на мешавина на етан, метан, пропан, бутан и др. Причината за тоа е што температурата на Титан е многу ниска, дури -180 степени Целзиусови или повеќе од двојно пониска од најстудената точка на Антарктикот. Течноста во Титановото Охридско Езеро е навистина смрзнувачка, со температура од -178°, така што секакво „капење“ е незамисливо. Кога би се приближле до езерото, истото ќе ни изгледа темно, мрачно, слабо провидно и страшно дури и во најсветлиот период на денот. Тоа е поради огромната оддалеченост на Титан од Сонцето – дури 1,5 милијарди километри (10 пати повеќе од оддалеченоста на Земјата), така што низ густата атмосфера се пробива сосема малку светлина до површината. Околината на езерото е многу зарамнета и мазна, составена главно од замрзнат метан, со мали заоблени парчиња метански „камчиња“ и блокови. Во околината на езерото има возвишенија од мраз високи до најмногу 50-тина метри. Има и „речни корита“ низ кои кон езерото тече погодете што: течен метан. Најспектакуларно нешто покрај Титанското Охридско Езеро не би било самото езеро, туку глетката кон блискиот Сатурн и неговиот огромен, величествен прстен.



Инаку, засега сеуште не се знае дали на дното на ова или другите езера има некакви живи форми. Доколку ги нема во езерата, можеби постојат под ледената кора на Титан, на длабочина од 100 и повеќе km. Имено, се чини дека внатрешноста на овој сателит се состои од воден океан со многу органски материи, слично на јупитеровиот сателит Европа. И на крај, додека за патување до нашето Охридско Езеро ни требаат 2-3 часа, до Титанското со сегашната технологија ни се потребни околу 5-6 години во еден правец. Затоа да си уживаме покрај нашето Охридско Езеро, зашто покрај она Титанското, не би биле живи повеќе од 2-3 секунди!

Автор: д-р Ивица Милевски /

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука