X
 20.04.2018 Наука

Колкава површина од Република Македонија му припаѓа на сливот на Дунав?

Познато е дека територијата на Република Македонија во хидрографски поглед припаѓа на 3 главни (морски) сливни подрачја, и тоа: Егејски (86,9%), Јадрански (12,9%) и сосема малку на Црноморскиот слив (0,2%). Во Егејското сливно подрачје припаѓаат сливот на реката Вардар и неговите притоки (20.535 км²), сливот на реката Струмица (1.535 км²), сливот на реката Лебница (129 км²) која, пак, е притока на Струма и сливот на Дојранското Езеро (120 км²). Јадранското сливно подрачје е претставено со сливот на Црн Дрим (3.350 км²), заедно со сливот на Охридското и Преспанското Езеро.


Во географската литература најчесто се наведува дека делот што му припаѓа на Црноморското сливно подрачје зафаќа површина од само 44 км². За да го провериме овој податок, за време на нашето неодамнешно истражување на Скопска Црна Гора изведовме детални пресметки според јасно утврдените вододелници и поставеноста на граничната линија. Новите податоци покажаа дека површината на Црноморскиот слив е нешто поголема од порано дадената, односно точно 54 км². Наведената површина припаѓа на изворишните сливни делови на 5 рекички кои се вливаат во Биначка Морава на Косово, која пак е притока на Јужна Морава. Сите овие 5 рекички, односно нивните сливни подрачја се протегаат во крајниот северен дел на Скопска Црна Гора. Од нив, најголема површина зафаќа делот од сливот на Летничка Река со 22,2 км², потоа Кључка Река со 18,8 км², Танушевска Река со 10,5 км², Злокуќанска Река со 1,4 км² и најмала е Порои и Дебелде со 1,1 км².


Токму поради оваа мала површина, која му припаѓа на сливот на Морава, односно во поширок опфат во сливот на Дунав, Република Македонија е членка на повеќе подунавски меѓународни асоцијации, особено во поглед на водите и нивното користење.
Подготвил: д-р Ивица Милевски / иГео

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука