X
 19.11.2015 Живот

Натпросечно топол ноември во Македонија. Што се случува со климата?



Иако до крајот на месецот има уште десетина дена, според досегашните метеоролошки податоци, овој ноември ќе биде значително потопол од просечното. Имено, максималните дневни температури, во Скопје, Велес, Штип, Гевгелија и другите пониски градови се постојано над 15 степени, достигнувајќи често 20-22 степени. Просечните дневни температури пак, се движат помеѓу 10 и 14 степени што е за 3-5 степени над долгогодишните просечни вредности. Со оглед на прогнозите за одредено (но не драстично) намалување на температурите до крајот на месецот, се очекува овој ноември да биде 2-3 степени потопол од вообичаеното. Така, просечната долгогодишна ноемвриска температура во Скопје е 7,1 степени, во Велес 8,4 степени, Гевгелија 9,0 степени, Дојран 10,1 степени и сл.

Апсолутно максималните забележани ноемвриски температури во досегашниот период биле помеѓу 23 и 26 степени Целзиусови (со исклучок на повисоките планински метеоролошки станици). Овој ноември нема изразито високи температури над максимално наведените, но затоа збирните вредности за првите 15 дена во месецот се доста повисоки. Релативно високи температури беа и во претходниот месец, октомври.

Која е причината за вака топлата есен во Македонија, на Балканот па и во Европа? Главна причина се смета дека е индиректниот ефект на феноменот Ел Нињо, кој оваа година услови значително повисока температура на водата во екваторските делови на Тихи Океан. Тоа пак доведе и до одредено пореметување на воздушната циркулација над Европа со поизразени јужни и југозападни струења, посебно над Медитеранот. Не треба да се запостават и другите фактори кои се поврзани со антропогено-предизвиканиот пораст на глобалната температура, топењето на мразниците и пореметувањето на Голфската струја и др. Според реномираните метеоролошко-климатски центри, се очекува крајот на есента и зимата во овој дел на Европа да бидат „невообичаени“ со повисоки температури, чести и нагли временски промени, но и можни значителни врнежи од снег во јануари и февруари. Се очекуваат и појави на зачестено зимско невреме.

Едно е сигурно: сведоци сме на нетипични (неприродни) климатски промени. Но истите не се така јасно „шаблонизирани“ и „едноставни“ како што тврдат повеќето домашни и регионални студии, туку многу покомплексни, со многу непознати влијанија и ефекти. Во сето тоа е тешко да се одвои колку е влијанието на природната компонента, а колку на антропогеното влијание, бидејќи едноставно, климатските промени сами по себе се природна појава. На подрачјето на Македонија на пример, пред 5-10 милиони години било многу потопло од денес, а пред 3 милиони години започнало големо заладување. Од пред 10.000 години има тенденција на природно климатско затоплување, меѓутоа пред 300-400 години се јавил период на т.н. мало ледено време. Во минатиот век имало неколку студени, но и натпросечно топли периоди кои траеле по 10-30 години. Токму затоа, климатските сценарија за Македонија треба да се земат со резерва, зашто некои проекции (пр. во однос на температурите) се потврдуваат, меѓутоа, некои (во однос на врнежите, ветровите и др.) се повеќе отстапуваат од реалната состојба.

Како и да е, оваа година може да уживаме во натпросечно топлата есен, а веројатно и зима.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот