X
 16.12.2015 Образование

Студентски пленум: Потребни се нови згради за факултетите!

ПОТРЕБНИ СЕ НОВИ ЗГРАДИ ЗА ФАКУЛТЕТИТЕ!

На двата факултета, ФФОСЗ и ФИНКИ им се неопходни нови простории во кои ќе ја изведуваат наставата. Сегашните услови се катастрофални, особено на ФФОСЗ, кој со декади наназад има несоодветни и нечовечки услови за извршување на наставата!

ПРОБЛЕМАТИЧНО Е ПРОСТОРНОТО ПЛАНИРАЊЕ!

Меѓутоа, на наведениот простор има(ше) зеленило кое беше и повеќе од неопходно за околината на факултетите, имајќи предвид дека истите се наоѓаа меѓу фреквентни сообраќајници, па дрвјата служеа за заштита на академците од загадување на воздухот и звучна изолација. Исто така, по изградбата на факултетите, значајно ќе се влоши протокот на луѓе на УКИМ, кој и досега се мачеше со лошото сообраќајно решение! Се забележува тенденција на пренамена на просторот на факултетите надвор од кампусот за приватни цели, додека зградите неодржливо се концентрираат на површината на кампусот!

Иако дрвјата сега се веќе исечени, за неодговорното просторно планирање мора конечно да се поднесе одговорност!

ПРОБЛЕМАТИЧНА Е ЛОКАЦИЈАТА, А НЕ ПОТРЕБАТА!

[Факултет за физичко образование, спорт и здравје]
Министерството за образование и наука ја отпочнало постапката за изградба на нов објект на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје уште во 2012 година на сегашната локација. За овој проект, МОН одвоило 1.759.174 денари за изработка на основен проект со сите фази на изградба, но не распишал тендер за изведба! Кoјa е причинaтa пoрaди кoјa изгрaдбaтa нa oвoј фaкултет не е oтпoчнaтa вo 2012 гoдинa?

[Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство]
Претседателот Борис Трајковски во 2002 година лично пресече лента за почеток на изградбата на Факултет за информатички науки. За жал предвидената зграда во просторот на ПМФ била започната со изградба и напуштена, од засега непознати причини!

Понатаму, нејасно е зошто како посоодветна локација за изградба на зграда не се земат предвид сегашните бараки кои ги делат со Факултетот за драмски уметности, кој најверојатно ќе биде префрлен во нови простории. На истата локација, во ДУП од Општина Карпош е предвидена зграда со приземје плус шест ката, со предвидени простории на површина од 21.000 m2! Зошто оваа површина не била планирана за изградба на објектот, имајќи предвид дека природно тој факултет комуницира со останатите факултети на просторот?!

ПРОБЛЕМАТИЧНА Е УНИВЕРЗИТЕТСКАТА АВТОНОМИЈА!

Универзитетската автономија треба да го гарантира правото на Универзитетот да управува со својот простор. Имено, ова не треба да се сфати како ограничување на единките на универзитетот, односно факултетите, да не можат да донесуваат одлуки од свој интерес, а со тоа да им се ограничи слободата на академско делување. Меѓутоа, во однос на управувањето со просторот на Универзитетот, сепак треба Ректоратот и Сенатот да се произнесат, како највисоки управни органи на УКИМ.
Нејасно е дали Сенатот или Ректорската управа донеле било какви одлуки во однос на изградбата на двете згради во кампусот, на што ја темелеле таа одлука и зошто не ги земале предвид другите локации!

ШТО ПОНАТАМУ?

Одново нагласуваме дека ние, студентите, ја разбираме и не ја спориме ургентната потреба од соодветни просторни капацитети за обезбедување на достоинствени услови за студирање на нашите колеги од Факултетот за физичка култура, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, и ја поддржуваме идејата за изградба на нови објекти.

Токму затоа, подготвени сме да учествуваме во изнаоѓање на соодветно решение за овој проблем кое нема да ја наруши автономијата на Универзитетот, ќе ги задоволи сите урбанистички и проектантски стандарди, нема да ја загрозува животната средина и ќе го афирмира академското достоинство!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование